Уште една легенда се сели во музеј
Рачно изработуваниот 12 цилиндерски мотор ќе прекине да се произведува идната година
Електрификацијата и стремењето кон движење со нулта емисија на штетни издувни гасови го зема својот данок. Во склад со својата стратегија промовирана по повод сто годишнината на марката, Bentley донесе одлука да прекине да го произведува иконскиот W12 мотор.
Тој беше резервиран за врвните изведби на „растегнатите крила“ 20 години и е вграден во повеќе од 100.000 возила. Bentley нема да дозволи W12-ката да си замине без спектакуларно испраќање. Пред две децении овој мотор дебитираше во Continental GT и со него ќе ја напушти сцената. За тоа ќе послужат само 18 примероци на купето Batur кои ќе бидат рачно изработени од Mulliner, а веќе е потврдено дека него ќе го движи најсилната досега направена верзија на овој мотор.
Дванаесетте цилиндри и двата турбо полначи ќе испумпуваат 750 коњи и 1.000 Nm! Вртежниот момент ќе биде на располагање во дијапазон од 1,750 – 5,000 врт/мин додека максималната сила се постигнува при 5,500 врт/мин. Интересно е да се наведе дека од неговото воведување во 2003 година, шест литрениот би-турбо W12 мотор константно е усовршуван.
Во периодот од 20 години неговата моќност е зголемена за 37%, вртежниот момент за 54%, емисиите на СО2 намалени за 25%. Секој примерок на W12 моторот е рачно склопуван. За тоа се потребни 6,5 часа работа на високо обучен тим по што се подвргнува на софистициран режим на тестирање на три дијагностички машини.
Секоја седмица еден од изработените мотори се подвргнува на продолжен тест циклус по што потполно се расклопува за проверка. Последниот примерок ќе биде склопен во април 2024-та кога ќе биде достигната бројката од вкупно 105.000 направени мотори.


