AutoBest тркалезна маса – Андреа Карлучи Toyota

AutoBest насловна

Сите сили кон нулта емисија!

објавено 21. септември 2021

Андреа Карлучи е новоназначен потпретседател за планирање продукти и маркетинг менаџмент на Toyota Motor Европа, кој одговара директно на претседателот и генералниот директор Мет Харисон и е задолжен да ја предводи експанзијата во електрификацијата на марката во Европа, што е голем предизвик.

: Најпрво пред сé Андреа да ви заблагодариме што ја прифативте поканата на AutoBest, колку што знам ова ви е прва средба со новинарите на новата потпретседателска функција во Toyota.

АК: Да, ова за мене е би рекол прва среќа!

AБ: За почеток, колку за загревање, која е проценката на Toyota во однос на најавите на Европската комисија?

АК: Јас би имал само еден коментар, а тоа е дека во основа сме загрижени за ваквото забрзување, но ние како Toyota веруваме дека што и да е, ќе се почитува. Важен елемент без разлика за загриженоста на индустријата е што во основа сите актери во ова се вклучуваат на исто ниво што осигурува да имаме една чиста цел пред себе и што инфраструктурата ќе ги следи напорите на производителите за намалување на емисиите на посакуваното ниво. Тоа ја поедноставува комплексноста на остварувањето на вака важна цел. Но има една точка за која мислам дека е многу важна. Тоа е што легислативата е инспирирана од целта за декарбонизација на планетата. Кога зборуваме за мобилноста многу важно е што мислиме за купувачите и нивото на трансформациите да биде во согласност со нивните потреби, бидејќи примарна цел е да продолжиме на купувачите да им испорачуваме слобода во мобилноста, со решенија кои нема да ги лимитираат во тоа. Значи легислативата е легислатива, насоката е исправна а ние како производител никогаш нема да ги критикуваме политичките одлуки.

AБ: Андреја, дозволете ни да навлеземе малку подлабоко во ова бидејќи ние како автомобилски новинари се прашуваме кое е вашето гледање на фактот дека Европската комисија ќе ги забрани сите возила со мотори со внатрешно согорување почнувајќи од 2025 и второто, што не е јасно докрај, е дека сите хибриди и плаг-ин хибриди имаат мотори со внатрешно согорување. Како гледате на тоа?

АК: Ова се многу свежи вести и за мене. Технички, Европската комисија го дефинира ова со процентот на намалување на емисиите на јагленород диоксид, што не значи достигнување на нулта емисија до тој датум. Некои технологии со ниско ниво на емисии сигурно ќе опстанат. Но да бидам искрен, забраната на моторите со внатрешно согорување значи дека целиот екосистем ќе започне да се движи кон нулта емисија, да се забрза тој пат. Друг елемент што би бил критичен се Еуро 7 нормите. Нив ние ги следиме доста внимателно бидејќи практично тие ќе ги насочат неелектричните возила кон нулта емисија, што е значајно од економски причини. Нашата гледна точка за сето ова е дека треба да гледаме од поширока перспектива. Самата забрана за возила со мотори со внатрешно согорување може да биде многу комплицирана. Оваа цел за некои земји изгледа доста амбициозна. Тоа значи дека ЕУ сепак ќе треба да ја остави вратата подотворена за моторите со внатрешно согорување, барем за оние кои со своите емисии ќе можат да се вклопат во процентот на намалување на јагленород диоксид.

AБ: Едно кратко прашање: Што низ бројки значи намалувањето за 55 отсто на емисиите на јагленород диоксид до 2030 година?

АК: За нас 50 проценти намалување со колку досега сметавме е емисија од 48 грама јагленород диоксид, значи 55 отсто би дошле околу 40-тина грама. Сепак ова е комплицирано за пресметка бидејќи се однесува на целата гама. Да започнеме со нешто што ви е добро познато, Toyota bZ4X концептот кој го претставивме годинава на салонот на автомобили во Шангај и кој е прв од серијата од седум bZ производи кои ќе ги лансираме глобално. Тој е првиот автомобил развиен на новата платформа. Да појаснам дека bZ е кратенка од Beyond Zero, термин со кој ја означуваме нашата нова група производи. Таа ќе се базира на четири принципи – Вие и другите, Вие и општеството, Вие и вашиот автомобил и Вие и околината. Ние ќе се фокусираме токму на последно наведеното, а кога зборуваме за вас и вашиот автомобил мислиме на безбедноста и колективноста.

Во однос на приближувањето кон карбон неутралноста прво што сакам да споменам е дека ние започнавме со тоа многу одамна, пред повеќе од дваесет години, со воведувањето на Prius и досега имаме продадено повеќе од 17 милиони хибридни возила низ целиот свет за кои имаме пресметано дека имаат испуштено во атмосферата помалку јагленород диоксид во количина од 140 милиони тони. Ќе продолжиме со овој пристап и ќе ја забрзуваме стратегијата регион по регион. До 2025 година глобално ќе имаме сеопфатна гама од најмалку 70 електрифицирани модели, од кои 15 ќе бидат целосно електрични. Нема потреба да се каже дека сите тие возила ќе бидат базирани на различни технологии. Основа на нашата стратегија се потрошувачите и нивните потреби кои се доста различни низ светот, не само заради различните услови во кои возат. Заради тоа нема да понудиме единствено решение глобално, не во моментов.

Така, нашата стратегија за одржливост ќе биде да ги задржиме сите технологии кои требаат за остварување на карбон неутралноста – хибриди, плаг-ин хибриди, целосно електрични возила и секако возила со горивни ќелии. Тие ќе бидат применети на различни начини во различни возила. Од наша гледна точка на производители на возила, ние можеме да креираме производи и решенија за околината кои треба да бидат практични и пристапни за купувачите, но мора да бидеме сигурни дека владите и енергетските компании ќе ги поддржат со потребната инфраструктура. Ова е клучно за постигнувањето на саканите цели. Купувачите се тие што одлучуваат, ние само им предложуваме решенија, а владите и енергетските компании треба да го подржат тоа. Потребна е посилна поврзаност меѓу сите. Што се однесува до нашето присуство во Европа, сметам дека имаме многу силна еколошки ориентирана гама, како според типот на возилата така и според технологиите, раширена низ голем дел од пазарните сегменти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе купувачи. Како што е познато, учеството на електричните и плаг-ин возилата низ Европа многу се разликува од земја до земја и се движи од 1 до 69 отсто од пазарот. Тоа создава ситуација во која целиот континент не може да се опфати со еден единствен пристап и затоа ние имаме различни насоки на пристап со различните погонски решенија. Затоа и европското портфолио на Toyota и Lexus заедно опфаќа 26 електрифицирани возила и моментално 5 целосно електрични возила. Во иднина ќе продолжиме да го прошируваме и планираме до 2025 година да имаме повеќе од 55 електрифицирани модели, од кои најмалку 10 целосно електрични. Со тоа очекуваме намалување на емисиите на јагленород диоксид за околу 50 до 55 отсто. Накратко, подготвени сме да се соочиме со предизвиците на иднината вклучително и карбон неутралноста до 2050 година.

AБ: Зборувавте за слобода на мобилноста што претпоставувам значи пристапни возила, затоа сум малку љубопитен што ќе правите со моделите од ниските класи, дали ќе го имате и понатаму Aygo, чија фабрика сега е ваша? Дали и овој модел ќе биде хибриден?

АК: Мислам дека ова е добро прашање на кое е тешко да се одговори. Во моментов не би можеле да кажеме што би правеле бидејќи засега разгледуваме различни решенија за после 2025 година. Затоа и не можам да ви претставам било каков план, но она што можат да го кажам е дека имаме многу силен план за Европа, за кој некои индикации веќе дадовме со концептот Prologue. Она што сакам да го кажам е дека ние сакаме да го задржиме ова портфолио.

AБ: Во поглед на нултите емисии, кои проблеми можат да ви се испречат на вашата агенда и како легислативата ќе влијае на нивното мерење и анализирање?

АК: Во моментов во Европа учеството на зелената енергија во вкупното производство е 30-35 отсто, а фабриките бараат енергија и испуштаат јагленород диоксид. Во однос на легислативата се надевам дека таа во иднина навистина ќе ги следи и напорите за рециклирање на батериите и дека производителите ќе бидат одговорни за нив и после нивниот животен век, со цел да се намали штетното влијание на нивните компоненти по околината. Што се однесува до јагленород диоксидот, големо прашање е колку сме способни навистина да ги измериме неговите емисии бидејќи денес нивото на негово испуштање при производството е доста големо.

AБ: Во врска со алтернативните горива, не само водородот туку и синтетичките горива со кои ќе може да се продолжи векот на моторите со внатрешно согорување, какви се вашите искуства со тоа?

АК: Ние во основа сме во фаза на експериментирање, сега ја имаме Corolla со мотор со внатрешно согорување на водород. Веруваме дека има доста потенцијал во тоа, и кај патничките и комерцијалните возила. Не можам многу да коментирам за тоа но секако тоа е технологија на која ние гледаме дека може да ја примениме во стандардната европска гама, но сепак реално многу нешта не се јасни, ќе разберете. Што се однесува до синтетичките горива, тие секако ќе придонесат за постигнување на поставената цел за намалување на емисиите на јагленород диоксид, но само кај сосема новите возила. Големо прашање се постоечките возила и да се направи карбон неутрално гориво за две милијарди возила колку што ги има на патиштата ќе има драматичен ефект. Затоа сметам дека е важно да продолжиме да бараме можни решенија, за да бидеме сигурни дека влијанието ќе биде силно.

 

 

AБ: Едноставно прашање – сите производители зборуваат за гигафабрики со огромни капацитети за производство на батерии. Што е планот на Toyota, посебно за регионот на Европа? Дали за Турција имате план за инвестиции во производство на електрично возило или за фабрика за батерии?

АК: Имаме голема производствена база во Турција на која сме многу горди, но не можат да ви откријам никаков план за иднина. Од гледна точка на легислативата многу работи се јасни, но не и кога ќе се погледне логистиката. Искрено, иако ништо не можам да кажам во моментов, ние сепак разгледуваме разни опции.

AБ: Што Toyota размислува за развојот на плаг-ин возилата? Дали ќе ги има повеќе? Во некои земји тие се бестселери и ги третираат исто како и целосно електричните возила, доделувајќи им високи субвенции.

 

АК: Ние ја разгледуваме ситуацијата во многу земји и јасно е дека нема да пропуштиме можност да придонесеме со зелени решенија. Нашето фокусирање кон плаг-ин возилата е силно, таквиот RAV4 има глобален успех не само во Европа. Во моментов нашите технологии ги развиваме уште повеќе за да го понудиме најдоброто од двата света – доста ефикасен посебно во перформансите хибриден мотор кој ќе може да понуди вистинско задоволство во возењето, посебно за оние купувачи кои нормално ги користат своите возила. Затоа, секако дека имаме голем интерес за оваа технологија.

AБ: Колку Toyota е погодена од недостатокот на чипови? Дали очекувате тоа да се одрази на цените на возилата?

АК: Ќе започнам со вториот дел од прашањето – одговорот е не. Ние имаме јасна стратегија за цените на возилата, но секако се создава тензија во поглед на цените на репроматеријалите. Верувам дека овој период ќе помине, дека сé ќе се нормализира и нивото на цени ќе се врати во својот природен тек. Затоа и не очекувам сето ова да има драматичен ефект врз цените на возилата. Во однос на првиот дел од прашањето, ние како и повеќето други производители сме погодени од недостатокот на чипови, но релативно добро се справуваме со проблемот. Во минатото имаме научено многу од разни нарушувањата со снабдувањето и нашата филозофија е да го примениме наученото за полесно да се справиме со тековните кризи. Имаме обезбедено доста цврсти канали за снабдување, не само за одредени региони. Поентата ми е дека Toyota има многу големи способности за планирање, со што ги минимизираме ваквите влијанија.

AБ: Прашање поврзано со периодот на транзиција кон нултите емисии. Дали има место за измени на продажните салони и маркетингот на Toyota?

АК: Прашање од милион долари. Не сум во позиција прецизно да одговорам, но една работа можам да кажам – ќе го употребиме bZ како суб-бренд за да забрзаме. Кај салоните не верувам дека ќе има големи промени, но секако ќе има физички измени за да се одвои повеќе за електрификацијата, но основната поставеност за посветеност на клиентите ќе остане.

AБ: За крај, не бевте на салонот во Минхен. Дали имате некаква одлука во врска со салонот во Женева?

АК: Немаме потврдено ништо за тоа, но го разгледуваме исто како и останатите салони. Искуствата од 2020-тата беа доста тешки за нас, направивме големи инвестиции за настанот кои пропаднаа. Не би сакале тоа повторно да се случи.