Доделени наградите на најдобрите
Кога ќе се спомене Брисел, веднаш се помислува на Европа. Главниот град на Белгија е и седиште на европската асоцијација на автомобилски производители. Затоа и не чуди што токму тој беше избор за доделувањето на годинешните AutoBest награди
Објавено на 12 февруари 2019 година
Но симболиката никогаш не била критериум за нив. Како најголемо независно европско жири AutoBest се води според строги правила со кои им се оддава признание на најдобрите на еден посебен и неповторлив начин. Така беше и годинава во уникатниот амбиент на Autoworld музејот на автомобили во кој се собра голем дел од кремот на индустријата. Присутните на настанот што по 18-ти пат се организира секогаш во друга држава ги поздрави претседавачот на AutoBest организацијата Дан Варди, кој истакна дека со ова доаѓа и одговорноста на полнолетството која рака на срце AutoBest одамна ја има преземено. Заради сето тоа и гала вечерта на која се доделуваат наградите се смета за еден од најважните автомобилски настани во годината.
Откако прерасна во полна европска големина, AutoBest не престана да го проширува својот видокруг. Организирајќи разни настани кои не се поврзани со наградите, оваа организација ја презеде својата општествена одговорност за подобрување на автомобилската утрешнина во која ќе живееме. Се спроведе првиот европски тест на реалната употребливост на електричните автомобили, а беше организиран и семинар за подобрување на ефикасноста на урбаната мобилност. А неа во реалноста ќе ја спроведуваат имиња како Lynk & Co, кој ја доби наградата за најдобра нова компанија во автомобилската индустрија заработена со својот иновативен пристап кон клиентите, технолошкиот развој и решенијата, таа понуди еден од најдобрите пакети на пазарот истовремено обезбедувајќи му на својот сопственик групата Geely заслужен влез на европскиот пазар.
Докажано во автомобилскиот свет е дека за напредокот кон иднината во голема мерка е заслужен и спортот. Затоа и не треба да чуди што SportBest наградата отиде кај Toyota, која пред сé важи за предводник во технологиите. А токму тие и овозможија на јапонската марка да го освои релито Дакар, легендарната трка 24 часа Ле Ман и бројни други наслови. Во реалниот живот како и во спортот, најважна е безбедноста. Годинава наградата SafetyBest за иновации во оваа област ја доби Hyundai за системот кој ги предупредува родителите да не ги оставаат децата сами во заклучен автомобил изложен на сонце. Во поглед на екологијата Jaguar со I-Pace го направи првиот електричен чекор во европскиот премиум сегмент кросовери, заради што го освои EcoBest признанието. Негувајќи ги иновативните технологии како свој заштитен знак, наградата TechnoBest отиде во рацете на францускиот DS за активниот систем кој го скенира патот и индивидуално го прилагодува ослонувањето.
За многу од нас убавината е еден од клучните критериуми при изборот на нов автомобил и затоа автомобилските дизајнери ги цениме како уметници. Честа да биде признат како таков од страна на AutoBest ја имаше британскиот дизајнер Питер Хорбари. Работејќи за Geely групата тој успеа да го дефинира дизајнерскиот јазик на неколку марки автомобили. Со својот иновативен систем кој овозможува говорна комуникација меѓу автомобилот и возачот BMW ја подигна интеграцијата на технологиите на ново ниво, за што беше почестен со SmartBest наградата. За својата филантропска посветеност на автомобилите и нивното доближување на обичните луѓе, AutoBest организацијата му оддаде почит и му отстапи место во алејата на славните на Ратан Тата, основачот на индискиот индустриски конгломерат кој го носи неговото име. Годинава меѓу успешните мажи за прв пат во историјата се најде и една жена – Линда Џексон застана рамо до рамо со своите највлијателни колеги обавувајќи ја менаџерската функција во Citroen, заради што ја доби ManBest титулата. Како успешна компанија која последниве години доживува вистински бум, со CompanyBest признанието се закити Aston Martin кој покажа дека може да се бори со големите играчи на пазарот.
Главни ѕвезди на гала вечерта на AutoBest беа победниците Opel Combo Life, Citroen Berlingo и Peugeot Rifter, кои со своите карактеристики ја покажаа суштината на значењето на Best buy car of Europe титулата. Тие со своето појавување донесоа нови ветришта и во сегментот и во самата авто-индустрија и заслужено заеднички се искачија на европскиот пиедестал на кој најмногу се ценат придобивките што ги добиваат купувачите. А нив во Европа најдобро ги претставува токму AutoBest, чии членови доаѓаат од 31 земја меѓу кои и Македонија.
Фото-галерија
[su_carousel source=”media: 18338,18375,18374,18373,18372,18371,18370,18369,18368,18367,18366,18365,18364,18363,18362,18361,18360,18359,18358,18357,18356,18355,18354,18353,18352,18351,18350,18349,18348,18347,18346,18345,18344,18343,18342,18341,18340,18339″ link=”image” target=”blank” title=”no”]