Во Стразбур доделени AutoBest наградите
- Следното издание на EcoBest Challenge е планирано да се одржи оваа есен во Болоња, Италија
- Официјално промовиран новиот Think Tank наречен „Иднината е тука“, предводен од легендарниот Френк Стивенсон
- AutoBest Gala 2023 треба да се одржи во Холандија, датумот ќе биде објавен дополнително
Во малото место Кирвилер во близината на Стразбур, Франција, во импресивниот Пале Ројал кој се рангира меѓу првите три француски кабареа делејќи го подиумот со Лидо и Мулен Руж, се одржа 21-то издание на гала вечерта на доделувањето на AutoBest наградите.

Дан Варди, основач и претседател на AutoBest рече: „Оваа година поставивме нова пресвртница на концептот на настанот. Бевме пионери на ‘Surprise Gala’ сценариото кога никој не знаеше каде ќе се одржи… Исто така замисливме спој помеѓу француското кабаре и гала вечерта на доделувањето на AutoBest наградите. Резултатот е единствено шоу, мултикултурно, мултисензорно искуство што го нарековме AutoBest кабаре. Познати сме по тоа што секоја година имаме уникатно сценарио за нашиот гала настан, но оваа година навлеговме многу подлабоко во нашата традиција благодарение на неверојатната соработка што ја имавме со нашите пријатели во Пале Ројал.
На сцената, добивајќи го врвното европско признание Best Buy Car of Europe за 100% електричниот Dacia Spring, Денис Ле Вот, извршниот директор на Dacia, рече: „Од своето лансирање Dacia Spring е огромен успех. Би сакале да му се заблагодариме на AutoBest за оваа награда за автомобил кој нуди најмногу за својата цена во Европа за 2022 година, која го потврдува апетитот што нашите клиенти го имаат за нашите модели. Со својата непобедлива цена и својот атрактивен, авантуристички изглед Dacia Spring ги прави електричните возила достапни за сите. Накратко, Dacia со Spring ја демократизира електричната мобилност.“

За време на гала вечерта, AutoBest организацијата ги објави плановите за развој на проектот EcoBest Challenge. По минатогодишното мошне успешно издание, тој оваа година ќе се одржи во Болоња, Италија, со повеќе мерења на популарните европски електрични возила со цел да се обезбедат релевантни, суштински и непристрасни проценки за европските потрошувачи.
AutoBest исто така го објави стартот на новиот Think Tank наречен „Иднината е тука“, предводен од легендарниот Френк Стивенсон, горд член на DesignBest Алејата на славните. Ова е нова глобална иницијатива за детално испитување на иднината на мобилноста што се најавува со концептните автомобили. Членовите на Think Tank веќе започнаа да ги анализираат најновите концепти и да проценат колку од нив навистина доаѓаат со значајни, реални, корисни и одржливи технологии, материјали, предлози за дизајн и производство. Најдобриот концепт автомобил од оваа мултиперспектива ќе ја освои глобално единствената награда „Иднината е тука“. Таа е дел од новата серија на награди, заедно со наградата „Ѕвезда се раѓа“, кои не се директно поврзани со вообичаените награди доделувани на AutoBest гала настанот.
Останатите награди кои беа доделени на оваа церемонија беа:
CompanyBest 2022: Pininfarina S.p.A

„Многу сме горди на оваа награда која ги препознава нашите достигнувања и потврдува дека сме меѓународен репер за автомобилскиот свет. Наградата ја докажува напорната работа и страста на членовите на нашиот тим, нашата издржливост на тешкотиите и новите предизвици и, што е најважно, нашата подготвеност постојано да се развиваме за да им понудиме на нашите клиенти напредни дизајнерски услуги и производи“, изјави Силвио Ангори, извршниот директор на Pininfarina.
ManBest 2022: Мате Римац

Г-дин Мате Римац, основач на Rimac групата, рече: „Благодарам на експертското AutoBest жири за оваа награда. Вистинска чест е да се биде примен во Алејата на славните покрај некои од најимпресивните личности од автомобилската индустрија во поновата историја. Но, не можам да ја преземам целата заслуга за успехот на Rimac групата. Сега имаме 1.500 луѓе кои работат на осум локации во Европа, помагајќи да се развие иднината на Bugatti Rimac, како и напредните батерии, мотори, инвертори и софтвер што ќе помогнат во патувањето на перформансните електрифицирани автомобили кон иднината. А од Rimac групата, исто така, има уште многу што да пристигне.“
EcoBest 2022: Renault Megane E-Tech

Г-дин Жан-Пол Дре, главен инженер за електричните возила од Ц-сегментот, изјави: „Возбудени сме што со електричниот Megane E-Tech ја добивме EcoBest наградата. Тоа е првото возило на Renaulution и го отелотворува нашето повторно освојување на Ц-сегментот за Renault. Нашата иновативна CMF-EV платформа донесува нови технологии, обезбедувајќи му на Megane уникатно уживање во возењето, најсовремена поврзаност со Google Automotive услугите, како и големата просторност на неговата внатрешност. Благодарение на нашата експертиза и лидерството на полето на електричните возила во Европа, Megane се придружува на силната постава создадена од Twingo E-Tech Electric и бестселерот Zoe. Megane беше топло пречекан од нашите клиенти бидејќи веќе добивме повеќе од 15.000 цврсти нарачки.“
SafetyBest 2022: Isuzu D-Max

Г-дин Мицуаки Хошино, извршен директор на Isuzu Motors International Operations (Europe) GmbH изјави: „Во име на Isuzu и сите што работат за нашиот D-Max, чест ми е да ја изразам нашата благодарност што добиваме ваква важна награда. SafetyBest е признание за безбедноста и искрено сме благодарни што AutoBest ги цени нашите 5 Euro NCAP ѕвездички. Непотребно е да се каже дека безбедноста е еден од најважните фактори на автомобилската индустрија и Isuzu ќе продолжи со напорите за поголема безбедност не само на возачот, туку и на општеството.“
SmartBest 2022: Mercedes-Benz MBUX

Г-дин Мајкл Клингер, раководител за MBUX UI софтверот, за време на AutoBest Gala 2022 изјави дека е горд што претставува дел од глобален тим. Тој додаде дека првите повратни информации од клиентите на EQS и EQE покажале афинитет кон поедноставениот и интелигентен нов кориснички интерфејс и дека се надева дека во иднина ќе го види во повеќе сериски автомобили.
SportBest 2022: Алехандро Агаг, основач на ABB FIA Formula E светскиот шампионат и Extreme E

Г-дин Алехандро Агаг, основач и извршен директор на Extreme E и основач и претседавач на FIA Formula E & E1 сериите изјави: „Почестен сум што ја добив SportBest 2022 наградата и би сакал да му се заблагодарам на AutoBest за оваа привилегија. Во 2011 година, кога првпат дојдов до идејата за Formula E заедно со претседателот на FIA, Жан Тод, немав претстава за обемот и влијанието што ќе го има. Сега во својата осма сезона и како најбрзо растечки дел од мотоспортот во светот, ние сме во фантастична позиција да продолжиме да се развиваме и да нудиме неверојатни трки за навивачите. Со раѓањето на Extreme E кој се фокусира на влијанието врз животната средина на климатските промени и off-road натпреварувањата, се покажува дека луѓето навистина уживаат во гледањето електрични трки што имаат цел. Цврсто верувам дека двете првенства имаат и ќе продолжат да даваат иновативни решенија за иднината на мобилноста.“
DesignBest 2022: Валтер де Силва

Г-дин Валтер де Силва, за жал, не можеше да присуствува на AutoBest Gala 2022, но ни ја испрати својата изјава: „Оваа престижна награда е доказ дека обемната кариера како мојата и дека многу од моите колеги значително имаме придонесено за континуираната и незапирлива културна, социјална и економската еволуција на светот. Уверен сум дека дизајнерите уште еднаш ќе бидат на првата линија на овие промени. Ние сме и ќе бидеме подготвени да дадеме естетски одговори на новите барања на јавноста. На крајот на краиштата, мора да дозволиме да бидеме водени од соништата, а особено од истражувањето на убавината. Всушност, од потрагата по суштината на убавината. Она што произлегува од комбинацијата меѓу разумот и чувствата. Она што во автомобилот ги спојува перформансите, аеродинамиката и елеганцијата, со цел да се гарантира вистински идентитет на сите автомобили што сакаме да ги дизајнираме во иднина.“

AutoBest беше почестен со присуството на сцената на г-дин Пјер Мејер кој стои зад Пале Ројал и г-ѓа Миреј Дартус, директорката на Стразбуршкото конгресно биро.
AutoBest жирито сака да им се заблагодари на сите претставници на победниците за нивното присуството на гала манифестацијата во Пале Ројал за преземање на наградите. Исто така, жирито им изразува благодарност на сите гости кои дојдоа од 31 земја да присуствуваат на овој посебен настан.
За идното издание на гала вечерта , AutoBest со нетрпение очекува да отиде во Холандија, на датум што ќе биде објавен дополнително.
Снимката од преносот во живо на AutoBest Gala 2022 може да се погледне на официјалната веб-страница www.autobest.org или на YouTube каналот на AutoBest https://youtu.be/9QyZRZX94Ro

За AutoBest
AutoBest организацијата беше создадена во 2001 година со револуционерен концепт на „Best Buy автомобил“, односно автомобил кој нуди најмногу за својата цена достапен на европскиот пазар. Вкупно 32 европски нации сега се претставувани во жирито, покривајќи огромно мнозинство од населението во Европа. За еден автомобил да стане AutoBest победник мора да претставува најдобра понуда за повеќето европски купувачи. Цената, сервисната мрежа, снабденоста со резервни делови и разновидноста на понудата се најважните критериуми во процесот на гласање. Дизајнот и новите технологии се исто така важни критериуми. При одлучувањето за победникот AutoBest жирито користи транспарентен систем на гласање со сложена шема од 13 критериуми.


