Audi – Skysphere Concept

насловна Поглед во иднината

Визија за иднината

Три нови концепт автомобили ќе го одредат курсот за иднината на Audi

објавено 16. август 2021

Првиот, наречен Skysphere Concept, е полн со иновативни идеи што ќе се најдат во идните модели на Audi. Самиот концепт нема да влезе во сериско производство но најавува интересни технички решенија, автономно возење и, секако, електричен погон.

 

Прво изненадување е што концептот има променливо меѓуоскино растојание. Во режим на самостојно возење, двоседот има релативно кратко меѓуоскино растојание, но со вкупна должина од 494 см, е само едвај под границата од пет метри. Карактерот се менува целосно кога концептот Skysphere се префрла во автономен режим.

Воланот се навалува надолу, педалите се враќаат назад во подот, а контролната табла станува хоризонтална стаклена лента. Надворешната форма се менува соодветно, при што шефот на дизајнот на Audi во Америка, Гаел Бузин, кој ја изработи студијата, постигна подвиг. Автомобилот изгледа целосно хармонично и со краткото и со продолженото меѓуоскино растојание.

Долгата хауба дава причина за надеж дека испод неа ќе биде сместен мотор со осум или дванаесет цилиндри кој ќе биде напојуван од синтетички е-горива. Но, тоа се само пусти желби бидејќи Skysphere Concept е замислен со електричен мотор сместен на задниот дел од каросеријата и треба да произведе 632 КС, максимален вртежен момент од 750 Њутн метри, ќе има дострел над 500 километри и најавен е спринтот до 100 км/ч да трае околу четири секунди!

Патем, важно е да се напомене дека оваа студија е инспирирана од Horch 853 Roadster. Тоа не е случајно бидејќи „Господарот на прстените“ сака Брендот Хорх да го ревитализира и да стане дел од флотата, исто како што направи Mercedes-Benz со Maybach. Во секој случај, концептот Skysphere го буди интересот за следните чекори од Инголштад и со нетрпение се очекуваат два најавени концепти преку кои ќе дознаеме нешто повеќе за иднината на Audi.