Ракета со 600 коњски сили
Овој спортски караван е еден од шесте нови модели на Audi Sport кои треба да пристигнат оваа година
Објавено на 23 август 2019 година
И во својата четврта генерација Audi RS 6 Avant докажува дека и караваните можат да изгледаат спортски. Дури и повеќе од тоа – откривајќи ги пред неговата премиера во Франкфурт првите детали за него, можеме да кажеме дека е брутална изведба на врвната технологија која обезбедува високи перформанси без многу штета на околината. Но да започнеме со дизајнот кој недвосмислено е различен во споредба со стандардниот A6 Avant – со исклучок на предните врати, покривот и вратата од багажникот, сите други делови на каросерија специфично се доработени за овој модел. Со додавање на широко извлечените лакови над тркалата каросеријата од секоја страна е проширена за околу 40 милиметри со што е истакнат препознатливиот RS карактер. Голема заслуга за тоа има капакот на моторот со нагласен средишен дел под кој се наоѓаат предните светла од А7. Сјајната црна маска е дизајнирана само за него, а отворите за воздух во браникот се обликувани налик на оние од R8. Спортскиот изглед го засилува и новиот дизајн на тркалата, а логото на Audi е достапно во црна боја како до дел од стајлинг пакетите.
Од страна доминира карактеристичната Avant силуета со продолжен преден крај, рамна линија на покривот и тенки задни носачи кои се ослонуваат на quattro боковите. Стилизираните прагови визуелно го истакнуваат движењето нанапред, а динамичниот заден дел е обрабен со кровниот спојлер и специфичниот браник со дифузор и дизајнерски елементи во црна боја со висок сјај. Пионерскиот дизајн на внатрешноста ориентирана кон возачот со инсерти во боја на алуминиум и антрацит го истакнува спортскиот карактер на новиот RS6 Avant. Со хоризонтален распоред и поделена тридимензионална структура, предната плоча изгледа лесна. На виртуелниот кокпит специјални RS прикази ги даваат информациите за притисокот во пневматиците, вртежниот момент, силината, температурата на маслото, натпритисокот на турбо компресорите… А тие се заслужни што 8-цилиндричниот 4,0 литарски TFSi мотор развива 600 коњи и 800 њутн-метри кои го лансираат RS 6 Avant до стотка за само 3,6 секунди. За 12 ќе стигне до двесте, а максималната брзина електронски е ограничена на 250 km/h. Сепак, со опционалните пакети границата се поместува на 280 или дури и на 305 километри на час. Во согласност со духот на времето во кое живееме високите перформансите се облагородени со 48-волтен благ хибрид и систем за деактивација на цилиндрите, со што се штеди до 0,8 литри гориво на 100 километри.
Оваа генерација на Audi RS 6 Avant ќе тргне во продажба во Европа до крајот на годинава, а ќе биде и прва која ќе биде понудена и на американските купувачи.