Господарот на прстените ја прошири гамата на Q5 со приклучен хибрид
Додека полека го најавува својот компактен Q3, Audi тивко и без многу помпа го претстави новиот член на семејството Q5 со суфиксот e-hybrid.
Во новото означување на моделите на куќата тоа се толкува како погон со приклучен хибрид кој е имплементиран во двете изведби, Q5 и Q5 Sportback. Впрочем, Q5 е еден од клучните модели на Audi па затоа со новиот погон сериски се испорачува преносот на силата на сите тркала.
Без оглед каква каросериска изведба ќе одберете на располагање се две различни моќности. Основата е дволитрениот TFSI турбо-бензинец. Првата верзија располага со системски 299 КС, а посилната испорачува 367 КС.
Благодарение на новата генерација високонапонски батерии од 20,7 kWh нето капацитет, што е зголемување од 45 проценти, во градско исползување, на струја може да се поминат 115 километри со нулта емисија. За да го повторите циклусот ќе треба на почекате 150 минути, колку е потребно да се наполни батеријата од празна до полна на полнач од 11 kW.
Audi Q5 се бори во многу важен сегмент и е дел од новиот бран модели изградени врз основа на новиот PPC (Premium Platform Combustion). Затоа, покрај погонот Quattro, сериски се испорачува со седумстепена автоматска трансмисија со двојна спојка.
Стандардната варијанта забрзува до 100 км/ч за 6,2 секунди, додека моделот со висока моќност го прави тоа за 5,1 секунда, а обете можат да достигнат до 250 км/ч. Само во електричен модус на работа достига до 140 км/ч, а потоа на сцена стапува и моторот на согорување.
Audi Q5 e-hybrid quattro и Q5 Sportback e-hybrid quattro ќе започнат да се испорачуваат по летните одмори. Во верзијата со помалку сила цените започнуваат од 64.500 евра додека посилната е за 2.500 евра поскапа. За љубителите на изведбата Sportback фактурите ќе бидат повисоки за околу 3.000 евра.


