Господарот на прстените го ажурираше e-tron GT, а покрај основниот модел и изведбата RS, има и нов знаменосец – RS Performance.
Кога Audi прави подобрувања, тоа се темелни и ништо не е оставено на случајот. Во новото семејство e-tron GT можеби на прв поглед нема направено многу, но кога ќе се видат спецификациите тогаш се симнува капата.
Основа на новата генерација е пакетот батерии од 97 kWh кои се за девет килограми полесни од претходната генерација, подобрен е и регенеративниот систем за сопирање кој се зголеми од 290 на 400 kW и може да се прилагодува преку лопатките зад воланот.
Новиот модел поминува до 609 километри со едно полнење под идеални услови. Зголемена е и брзината на полнењето од 270 kW на 320 kW, што значи дека батеријата може да се полни од 10-80% за само 18 минути, додека за 10 минутното полнење може да обезбедат 280 км возење.
Толку околу практичноста. Сега малку ќе зборуваме за перформансите. Значајни промени се направени и кај електромоторите на e-tron GT. Основниот модел, сега познат како S e-tron GT, има пар мотори кои се комбинираат за да произведуваат 670 КС. Во меѓувреме, моќноста на RS e-tron GT е зголемена на 845 КС, а новиот предводник ја носи ознаката RS e-tron GT Performance и испорачува 912 КС, што го прави најмоќниот сериски Audi досега.
Со дополнителната моќност доаѓа дополнителна брзина. S e-tron GT го апсолвира спринтот до 100 км/ч за само 3,4 секунди. Во меѓувреме, новиот RS e-tron GT може за 2,8 секунди да достигне стотка од мирување, додека на RS e-tron GT Performance за спринтот му требаат 2,5 секунди.
Крајната брзина е незначително различна. Првиот бележи максимални 245 км/ч, додека посилните изведби се за само пет километри побрзи. Направени се надградби на стандардната воздушна суспензија и опционалната активна суспензија.
Новото поставување ветува дека ќе го задржи автомобилот речиси хоризонтално за време на динамично сопирање, управување и забрзување, а има прилагодлива висина на потпирањето. Опција е управувањето на сите тркала. Во кабината направени се неколку промени.
Тие вклучуваат нови седишта, различен волан и опционален панорамски стаклен покрив кој може да стане непроѕирен со притискање на копче. Виртуелниот кокпит на Audi, исто така, е ажуриран и има нова мешавина на материјали, вклучувајќи дрвени влошки, микрофибер и опционални седишта прилагодливи во 18 насоки.
Во ЕУ новиот S e-tron GT се продава од 126.000 евра и достигнува 147.500 евра за RS e-tron GT и 160.500 евра за RS e-tron GT Performance.


