Audi A5 – Четворката стана петка

Новиот Audi A5 е првиот модел развиен на иновативната платформа Premium Platform Combustion

Шемата за именување употребувана 30 години, се редефинира и Audi врти нова страница. А4 станува А5. Во иднина, непарните броеви ќе бидат резервирани за моделите со мотори со согорување, додека електричните модели ќе се означуваат со парни броеви.

Секако дека „господарот на прстените“ не остана само на реименување на моделот, туку обезбеди, покрај новата платформа, нови хибридизирани мотори и зголемени димензии. Задржани се двете каросериски форми седан и караван, и двeтe достапни во изведбата S.

Мала забелешка за љубителите на класични седани дека сега А5 има пет врати што го прави лифтбек по вокација. Со зголемување на должината од 67 мм во однос на неговиот претходник и 72 мм повеќе простор за нозете во задниот дел, A5 се позиционира во високата средна класа.

Новата серија А5 ги носи првите мотори на пазарот со новата технологија на Audi MHEV plus што е 48 волтен благ хибриден систем со стартер генератор на менувачот и батерија од литиум железо фосфат. Во понудата ќе има четири мотори.

Почетниот е бензински 2.0 TFSI со 150 КС, а има и негова верзија со 204 КС, кој опционално е достапен и со погон на сите тркала. Единствениот дизел во портфолиото е 2.0 TDI со 204 КС. Тој е стандардно опремен со новите благи хибридни компоненти и може да се нарача со погонот  Quattro како опција. Топ модел е S5 со погон на сите тркала со 367 КС и трилитарски V6 бензински мотор.

Новиот Audi A5 треба да импресионира со својата динамика и агилност, но и со својата удобност. Стандардно има динамично подесено подвозје. Алтернативно, достапна е спортска суспензија S (стандардна кај Audi S5) со електронска контрола на амортизерите што допринесува каросеријата да биде поблиску до тлото за 20 милиметри. Опционалната адаптивна спортска суспензија S со контрола на амортизерите нуди значително пошироко спектар на режимите на возење, кои можат да се изберат преку системот за динамика на возење Drive Select.

Audi A5 Sedan

Во внатрешноста вклучени се нови дисплеи и тоа 11,9 инчниот виртуелен кокпит на Audi и 14,5 инчниот MMI панорамски дисплеј во заоблен дизајн насочен кон возачот. По преимерот на братот Porsche, има и трет дисплеј пред совозачот.

За аудиофилите Audi нуди опционален премиум звучен систем Bang & Olufsen со 3D звук и звучници во потпирачите за глава. Според производителот, вкупно 20 звучници и два засилувачи со моќност од 810 вати обезбедуваат уникатно аудио искуство. Audi A5 и S5 ќе бидат лансирани во матичната земја и многу други европски пазари во ноември 2024 година.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER