Audi или Mercedes, прашање е сега
Но не и некогаш – пред шест децении двете марки беа заедно
Објавено на 8 јули 2019 година
Овој слабо познат факт во историјата е скриен во историјата на Auto Union, предокот на денешниот Audi. Имено компанијата има настанато уште во 1932 година со спојување на четири германски автомобилски компании (оттаму се и четирите прстени во логото) – Audi, DKW, Horch и Wanderer. Но турбуленциите на втората светска војна и нејзиното разделување меѓу источната и западната окупациска зона на Германија ја имата фрлено на маргините на настаните, што доведе до реформирање на нејзиниот западен дел, од кој во 1958-мата Daimler откупува 87%, за наредната година да стане целосен нејзин сопственик. Овој потег всушност ја има спасено иднината на Auto Union, бидејќи технологијата на која тој ги базираше своите модели главно беше двотактна, за која уште тогаш постоеја сомнавања во нејзината иднина. Идејата за заеднички настап со Studebaker-Packard во САД пропадна уште пред да заживее и Daimler се ослободи од Auto Union во 1964 година продавајќи му ја фабриката во Инголштат и правата за користење на марките на Auto Union на Volkswagen.
Во тој период развиени се неколку модели, од кои никој не доживеа да стигне до сериското производство. Еден од нив е прототипот W119 кој беше помал од тогашните возила на Mercedes. Карактеристика му е што од левата страна имаше една (само возачката), а од десната страна две врати. Послужи како расадник на технологиите кои иако замислени под трокраката ѕвезда се појавија во наредните модели на Auto Union – DKW F102 (1963), Audi F103 (1965), па дури и Audi 100 од 1968-мата. Најзначајна придобивка од него е конструирањето на новиот четирицилиндричен мотор, прв четиритактен на Auto Union во повоениот период, кој подоцна ќе го најде своето место во првиот автомобил произведен под знакот на Audi – моделот F103, кој подоцна ја доби ознаката Audi 72 и од кој настана Audi 60, 75, 80 и Super 90. Денешниот Audi настана во 1969 година со интегрирање на Auto Union со NSU во компанијата Audi NSU Auto Union, која во 1985-тата го скрати своето име на Audi.