Во пресрет на премиерата на електричниот Renault 5, француската марка ја подгреа јавноста со првите снимки од неговата врела верзија.
Лансирана под амблемот на Alpine, таа ќе биде спортско настроено братче на хечбекот кој ќе ги навести новите времиња за компанијата. Прототипите на Alpine A290 во моментов се во Шведска каде се подложуваат на финалните тестови на арктичките минус 30 степени целзиусови.
Дебело камуфлирани ништо конкретно не може да се забележи за нивниот дизајн, освен можеби пар детали кои не значи дека ќе останат и на сериската верзија планирана за претставување во јуни. Како и да е, јасно е дека изгледот ќе биде агресивен со поголеми отвори за воздух и спојлери а веројатно и светлосниот потпис ќе биде поинаков. Механиката ќе ја дели со Renault 5 а се очекува електромоторот да пристигне од Megane E-Tech.
Во јавноста се шпекулира дека неговите 218 коњи ќе нараснат според едни на 270 а според други информации на 290, токму како ознака што ја има. Можеби е така затоа што Alpine A290 ќе има, така да го кажеме, турбо копче на управувачот со чие притискање краткотрајно за престигнување ќе се зголеми силата која електромоторот ја испраќа на предните тркала. Сето ова би било проследено со пошироки траги на тркалата и тјунирано ослонување.
За капацитетот на батериите и автономијата ништо не се знае, но веројатно е дека ќе бидат истите од Renault 5. Лицитирањето на јавноста со информациите ја опфати и цената која се очекува да биде над 45 илјади евра