Романтика и мускули
На најстариот европски саем за класични автомобили миланскиот шармер настапи со два иконски модели
Експонатите со кои Alfa Romeo настапи на смотрата на историски возила се дел од програмата на компанијата за сочувување на наследството. Alfa Romeo Super Sprint 1900 и S.Z. се различни по многу нешта, но двете јасно го исцртуваат духот на марката богата со спортско минато. Во далечната 1955 година на сцената настапи 1900 Super Sprint кој се задржа во производството до 1958-та година и за тој период беа произведени само 599 примероци.
Како наследник на моделот Sprint од 1900-та година, тогашниот новитет механички остана многу сличен на неговиот претходник. Тој се одликува со новиот петстепен менувач чија рачка остана на воланот, но има поблиски соодноси. Механичките компоненти се исти како оние на Super T.I од 1900 година. Моторот има зафатнина од 1975 cm3 и два превртени карбуратори со две грла секој. Од четирите цилиндри во линија извлекува 115 КС и максимална брзина од 190 км/ч.
Многу посилен е вториот експонат изработен само во 1.000 примероци и датира од 1989 година. Каросеријата ја дизајнираше и изработи специјалистот Zagato во својата работилница блиску до Милано каде и се направени сите примероци. Alfa Romeo S.Z. (Sprint Zagato) е чистокрвен спортски автомобил со агресивни, но непогрешливи линии. Поставена на челично подвозје, каросеријата е направена од композитни материјали, додека подот и механиката се добиени од натпреварувачкиот автомобил Alfa Romeo 75 (група А), со трилитарски V6 мотор подигнат на 207 коњски сили за максимална брзина од 245 км/ч.
Значаен е што во неговото производство се употреби CAD/CAM (Computer Aided Design, Computer Aided Manufacturing) дизајн и производствени системи, што овозможи значително да се намали времето за развој, особено во однос на доусовршувањето и промените. Двете изложени возила се целосно реставрирани и автентицирани од одделението за историско наследство на Alfa Romeo чија мисија е да се поправаат, сочувуваат и промовираат моделите на куќата, како и да се обезбедуваат вакви услуги на сопствениците на историски возила. Одделението е формирано 2015-та со седиште во Торино.


