Alfa Romeo продолжува да тоне

Alfa Romeo продолжува да тоне

Тривратниот модел на Alfa Romeo кој своето место под сонцето го побара во Б сегментот, се повлекува од битката за купувачите
Објавено на 17 август 2018 година

Новите модели ги нема на повидок, а старите се гасат – од наредната година Alfa Romeo MiTo веќе нема да биде во понудата на италијанскиот производител. Ова не требаше да биде изненадување бидејќи MiTo лани во Европа се продаде во едвај 11.367 примероци, бројка која многу не се разликува од оние години наназад, барем не од 2013-та кога  беше продаден во 17.884 примероци. Најдобрата година му беше 2009-тата кога стигна да ги освои срцата на 62.122 купувачи, но реално гледано ниту тоа не е доволно за да се гарантира опстанокот на моделот. Како и да е, MiTo за овие десет години колку што е на пазарот во Европа се продаде во 266 илјади примероци, колку што на пример годишно се продаваат од четврто или петтопласираните модели во сегментот на субкомпактни автомобили. Затоа повеќе чуди што толку време им требаше на Италијанците да го „убијат” MiTo отколку веста дека тој конечно ќе се симне од производствените ленти од на Fiat-овата фабрика Мирафјори во Торино.

MiTo, чие име е комбинација од Милано и Торино, премиерно е претставен 2008 година, како доста префинето издание на Grande Punto, на чија и основа настана. И навистина така беше прифатен, но само краткорочно – долгорочно малиот и пргав модел не успеа да ги освои срцата на купувачите, пред сé заради малата практичност од една страна детерминирана со тривратната каросерија, а од друга со гените на Alfa Romeo што мораше да ги носи. Плус на сé, тогаш некаде започнаа да се појавуваат и субкомпактните кросовери, кои беа поинтересен избор за тинејџерите и оние кои тежнеат кон таквите вкусови. Сé на сé, Alfa Romeo нема наследник на MiTo, но за жал ниту пак соодветен кросовер во план кој би влетал на неговото место, така што прашањето не е кога, туку дали Alfa Romeo воопшто ќе престане пазарно да тоне.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER