Помалку една седмица од премиерата, Миланезите почнаа да ги разгоруваат страстите!
Чаламот е една од категориите во кои Италијанците се махери.
Сосема неочекувано и изненадувачки, тие го употребија својот австралијски, не италијански сајт и инстаграм профил, за да ги разгорат страстите и да го пробудат духот што ги одржува во живот „алфистите“.
Alfa Romeo во своето минато беше Тата-Мата на патеките и синоним за спортски автомобил. Во последниве 20 години „миланскиот шармер“ претстави две спортски изданија кои успеаа да дигнат прашина, но не доволно за да предизвикаат земјотрес на пазарот на егзотични спортски модели.
Премиерата на најновото остварување е закажана за 31-ти август, а огинот се распалува преку неколку рендерирани фотографии кои покажуваат повеќе стилови на моделот што треба да се појави.
Како ќе изгледа на премиерата не е објавено, арно ама фотките откриваат неколку круцијални факти. Прво, Alfa Romeo дебело се потпира на своето минато.
Вториот факт е дека нема да се плаши да се спротивстави на електричниот погон, но не е исклучено дека ќе има помош од струјата.
Третата вистина е дека новиот модел се очекува да биде суперавтомобил со две врати со средишно поставен мотор инспириран од прекрасниот Alfa Romeo 33 Stradale од 1967 година. Сепак во шмекерскиот стил на „шибицарите“, Миланезите не ја исклучуваат можноста новиот модел да биде секси гран-турер, седан со четири врати и ретро вкус, па дури и кросовер купе.
Иако ништо не е официјално, неговата основа може да биде позајмена од Maserati MC20, кој користи шасија од јаглеродни влакна. Што се однесува до моторот, логичен избор би бил 2,9-литарскиот V6 твин-турбо од Giulia GTA.
Најверојатно новиот супер-автомобил ќе ја понесе ознаката 33, ќе достига максимална брзина од 333 км/ч и ќе се произведува во ограничен број од 333 единици. Сепак, не се исклучува можноста името да биде 6С, со што би се продолжил континуитетот на ограничените изданија од минатото 4С и 8С…
Но многу веројатно е цената да биде над еден милион евра! Дали новиот модел од Милано ќе биде со две или четири врати, купе или кросовер, дали ќе биде зелен или црвен, дали ќе изгледа футуристички или носталгично, дали ќе биде елегантно конте или напумпан билдер???
На овие прашања ќе добиеме одговор идната седмица, а до тогаш ќе ги гледаме компјутерски генерираните фотографии и ќе уживаме во нив.
Бензин на огнот фрли извршниот директор на Alfa Romeo, Жан Филип Импарато, кој изјави дека моделот ќе биде распродаден во моментот кога ќе биде претставен затоа што ќе биде иконичен и супер секси!
Епа, ај да видиме, следната недела е блиску, а премиерата ќе се пренесува во живо од музејот на Alfa Romeo во Арезе. За сите „алфисти“ линкот од премиерата ќе го доставиме наскоро…