Од Fiat стигна порака – Punto можеби ќе се врати на патиштата.
За оваа идеја прв пат се прозбори уште пред три години но тогаш јасно беше кажано дека ниту се работи ниту е планиран ваков проект туку е оставено пазарните услови да пресудат. Сега очигледно е дојден моментот. Новиот кормилар на Fiat Арно Белони смета дека дисконтинуитетот на Punto е грешка.
Доколку се случи негово враќање, Punto би го зазел старото место во понудата во сегментот субкомпактни хечбеци, позициониран над Grande Panda од која ќе се разликува по поинаквиот карактер. Уште пред престанувањето на своето производство Punto го препушти пазарот на своите конкуренти.
Punto дебитираше во 1993-та година заменувајќи го Uno, и се одржа на пазарот до 2018-та бележејќи 6.475.467 купувачи. Во меѓувреме сегментот го напуштија неколку исто така познати имиња со што се создаваат услови Fiat да го врати она од што се откажа, што би можело да се случи најрано 2028-ма година.


