За 75 години Nissan Patrol прокнижи седум генерации, неуморно совладува предизвикувачки терени и води генерации во авантури ширум светот.
Од своите почетоци во Јапонија во 1951 година, како прво возило на Nissan со погон на сите тркала, па сè до денешниот модел од седмата генерација, Patrol се одликува со способност, издржливост и авантуристички дух.
Од првичното лансирање, ширум светот се продадени повеќе од два милиони примероци на Nissan Patrol. Patrol се произведува во фабриката на Nissan Shatai Kyushu во Јапонија и е достапен на 42 пазари ширум светот, вклучувајќи ги САД, ОАЕ, Саудиска Арабија, Филипините и Австралија.
На одредени пазари, моделот е познат и под други имиња, како што се Armada во САД и Safari во Јапонија. Во својата 75 годишна историја, Patrol забележа успешно искачување на јапонската планина Фуџи во 1951 година, како и тоа што стана првото моторно возило кое ја преминало австралиската пустина Симпсон. Во 1987 година, Patrol стана првото возило со дизел мотор кое го заврши релито Париз-Дакар, пласирајќи се меѓу првите 10 во генералниот пласман.
Подоцна, шестата генерација на Patrol постави три Гинисови рекорди во периодот помеѓу 2013 и 2018 година. Најдобар пазар е Блискиот Исток, па нормално е што Nissan ќе лансира и ограничена серија на Patrol по повод 75-годишнината, креирана ексклузивно за таму.
Оваа серија, која брои 1.951 примерок (во чест на годината на првото појавување на моделот), се базира на врвната верзија Platinum V6TT. За да го одбележи овој јубилеј, Nissan во САД воведува нова верзија Armada Patrol PRO-4X, за моделот Armada за 2027 година, со што името Patrol се враќа на пазарот за првпат по 1969 година.


