BMW го најавува iX4 за март 2027 година и ќе се произведува заедно со iX3 во фабриката во Дебрецен, Унгарија.
Со забрзано темпо BMW ита кон зголемување на понудата на електрични возила. Иако беше најавен iX5, судејќи според редоследот, за него ќе почекаме уште малку.
Редот му го зема помалиот по номенклатура и димензии iX4. Кога ќе почне да се продава во март следната година нема да бидат достапни сите верзии на моделот. Почетната комбинира два електромотори и погон на сите тркала, испорачувајќи 463 КС, 644 Nm вртежен момент и максимална брзина од 209 км/ч. Батеријата со искористлив капацитет од 112,2 kWh ветува проценет максимален досег од 689 километри.
Архитектурата од 800 волти овозможува полнење со еднонасочна струја со моќност до 400 kW. Според BMW, во соодветни услови, iX4 може да обезбеди досег од 296 километри со само десет минути полнење, додека полнењето од 10 до 80 проценти трае 21 минута.
Моделот iX4 M60 xDrive, кој пристигнува подоцна во 2027 година, ја зголемува моќноста на 603 КС и вртежниот момент на 875 Nm додека максималната брзина се зголемува на 240 км/ч. Надградбите не застануваат само кај моторите.
Адаптивната M суспензија, електронски контролираниот заден M Sport диференцијал и ревидираното подесување на шасијата доаѓаат во комбинација со стандардните тркала од 21 инч. Секој iX4 доаѓа со панорамски стаклен покрив по целата должина и M Sport опрема. Каросеријата постигнува коефициент на отпор на воздух од 0,23, со што закосената линија на покривот добива и практична функција.
Во внатрешноста, системот Panoramic iDrive комбинира дисплеј проектиран во долниот дел на ветробранското стакло со централен екран на допир од 17,9 инчи. 3D head-up дисплејот е достапен како опција, додека гласовниот асистент ја добива технологијата Amazon Alexa+.
Достапниот систем Highway Assistant овозможува возење без држење на воланот (но со потреба од внимателност) при брзини до 137 км/ч. Новиот контролер на BMW, наречен „Heart of Joy“, управува со функциите на погонскиот систем и шасијата, при што компанијата тврди дека брзината на обработка на податоци е десет пати поголема во споредба со претходните системи.
Дали таа електроника ќе обезбеди позадоволително искуство при возењето, е нешто што ќе мораме самите да го утврдиме зад воланот. Ако е исто искуство како што го пружа неодамна возениот iX3, со нетрпение го очекуваме тоа.


