Во автомобилската бранша ретки се потполно различни модели што будат еднаква фасцинација.
М Кар, нашиот увозник на BMW, претстави две новости од асортиманот на Баварците. Во несекојдневна атмосфера, токму каква прилега на необичниот тандем, беа промовирани новата генерација на BMW X5 и обновениот знаменосец Серија 7.
Двата модела се толку различни, но ги обединува бескомпромисниот имиџ и перформанси што непрекинато се надоградува со децении. „Новите BMW X5 и BMW Серија 7 Седан покажуваат дека автомобилот може да биде многу повеќе од средство за движење – може да биде личен избор што ги одразува карактерот, потребите и индивидуалноста на својот сопственик.
За нас во М Кар, суштината не е само во разновидноста на понудата, туку во уникатноста на секој автомобил и начинот на кој тој се поврзува со човекот за кого е создаден. BMW X5 и BMW Серија 7 Седан имаат различен карактер, но заедничка идеја – секој автомобил да понуди искуство што е лично, препознатливо и единствено за својот сопственик”, изјави Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во М Кар.
Петтата генерација на Х5 ја краси интригантна појава усогласена со новиот дизајнерски и технолошки јазик на BMW. Најмаркантни се тенките светлосни групи со видливи X-потписи. Монолитно делува без малку пет метри долгата каросерија која ја краси просторност и богата опременост проткаена со технологија. Понудата стартува со трилитарски благо хибридизирани мотори, дизел со 313 и бензинец со 400 коњи. Плаг-ин моделите кои ќе пристигнат малку подоцна се со 489 и 612 коњски сили додека електричната верзија која располага со 800-волтна архитектура има 578 коњи сили. Следната година на пазарот ќе се појави изведбата со водороден погон што го прави BMW X5 модел со најголем избор на погони на планетата. Ако X5 е олицетворение на динамика, сестраност и слобода на движењето, BMW Серија 7 е приказна за луксузот.
Седмата генерација на моделот пристигнува со уште пософистициран изглед, богати можности за персонализација и ентериер создаден подеднакво за возење и за уживање во патувањето. Тоа го потврдуваат задните седишта кои се направени за хедонисти. Згора на тоа Theatre Screen од импресивни 31,3 инчи со 8K резолуција му дава поинаква димензија на престојот во кабината. Повеќе од 500 бои и комбинации за екстериерот овозможуваат секој BMW Серија 7 Седан да има свој карактер, додека најдобрите материјали и внимателно дизајнираните елементи создаваат амбиент во кој луксузот не е само видлив, туку се чувствува. BMW Серија 7 Седан стартува со една mild-hybrid бензинска и три целосно електрични изведби, додека од ноември понудата ќе биде дополнета со mild-hybrid дизел и plug-in хибридни верзии. И двата модели од денес се изложени во домот на BMW во Македонија.



