Во организација на Vespa Club Skopje успешно се одржа првото издание на Vespa Grand Prix Skopje 2026
Vespa Club Skopje е клуб посветен на развојот и промоцијата на Vespa културата, дружењето и поврзувањето на Vespa ентузијастите во Северна Македонија и со меѓународната Vespa заедница.
Cо таа цел беше организиран целодневниот настан посветен на Vespa кого го посетија повеќе од 500 посетители, кои имаа можност одблиску да видат голем број Vespa модели од различни генерации, да ги следат натпреварувањата и да бидат дел од богатата програма подготвена од Vespa Club Skopje.
Посебно значење на годинашното издание му даде одбележувањето на 80-годишнината на Vespa. Токму затоа, концептот на Vespa Grand Prix Skopje беше поставен многу пошироко од класичен мото-настан. Целта на Vespa Club Skopje беше на едно место да ги обедини Vespa културата, натпреварувањето, италијанскиот стил, гастрономијата, музиката и дружењето.
Повеќе од 30 натпреварувачи зедоа учество во трите натпреварувачки дисциплини – Споро возење, Агилност/Вештини и забрзување на 60 метри, демонстрирајќи различни вештини во управувањето со своите Vespa скутери.
За најуспешните учесници беше обезбеден богат награден фонд и вредни подароци. Со тоа, просторот на СЦ „Борис Трајковски” во текот на еден ден прерасна во место кое ја пренесе атмосферата и духот што со децении ја следат Vespa – многу повеќе од превозно средство, туку симбол на стил, слобода и начин на живот. На официјалната церемонија на доделување на наградите присуствуваше Неговата Екселенција, амбасадорот на Италија во Северна Македонија, г. Паоло Палминтери, кој ја додели наградата за најубава Vespa на Vespa Grand Prix Skopje 2026.
По успешната реализација на првото издание и позитивните реакции од натпреварувачите, посетителите и партнерите, Vespa Club Skopje веќе започнува со подготовка на форматот за Vespa Grand Prix Skopje 2027.
Целта е настанот да продолжи да се развива и да прерасне во традиционален годишен Vespa настан во Скопје, со уште поголем акцент на натпреварувачката програма, Vespa културата и целокупното доживување за посетителите.
Митко Теохаров, Претседател на Vespa Club Skopje изјави: „Првото издание ни покажа дека Скопје има публика за еден ваков настан. Повеќе од 30 натпреварувачи и над 500 посетители во текот на денот се одлична основа, но за нас најважни се атмосферата и реакциите што ги добивме. Vespa Grand Prix Skopje го замисливме како место каде натпреварувањето, Vespa и италијанската култура ќе се сретнат на едно место. По ова прво издание, уверени сме дека Скопје треба да го има овој настан секоја година. Затоа веќе размислуваме за Vespa Grand Prix Skopje 2027.”


