Škoda Octavia наполни 30 години (видео)

Три децении како икона на брендот

Škoda ја одбележува 30-годишнината на Octavia од модерната генерација. Оттогаш моделот има централна улога во развојот на чешкиот производител по неговото интегрирање во Volkswagen групата, комбинирајќи квалитет и практичност со докажаната германска технологија. Денес четвртата генерација на овој најпродаван модел се произведува во Млада Болеслава, Квасини и Костанај, Казахстан. Во изминатите три децении се произведени речиси 7,9 милиони единици.

Одлуката за повторно оживување на историското име Octavia првично користено за модел произведуван во периодот од 1959-тата до 1971-ва година беше донесена во текот на развојот на ново возило. Работата започна во 1992-рата, една година откако Škoda се приклучи на Volkswagen. Пристапот до технологијата на групацијата го поддржа развојот на овој практичен автомобил дизајниран од Дирк ван Бракел, тогашен раководител на дизајнот кај чешкиот производител. Во меѓувреме новиот производствен капацитет во Млада Болеслава го зголеми годишниот капацитет од 90.000 на 350.000 возила.

Првата генерација на Škoda Octavia со багажник од 528 литри беше претставена на 4 април 1996-та година, а сериското производство започна на 3 септември истата година. Караванската верзија следеше во март 1998-мата а наредната година ѝ се придружи и верзија со погон на сите тркала, дополнително проширувајќи ја разновидноста на моделот. Во 2000-та година дебитираше спортската RS изведба. Првата генерација на Octavia се покажа како многу успешна приказна – вкупно беа произведени 1,44 милиони единици, а избрани варијанти останаа во производство до 2010-тата иако втората модерна генерација веќе беше претставена во 2004 година.

Следните генерации ги надградија воспоставените јаки страни на овој модел, нудејќи уште повеќе простор во внатрешноста, поголем багажник, подобрена практичност и нови технологии како што е DSG менувачот со двојна спојка. Од втората генерација до крајот на производството во 2013-та година беа произведени 2,6 милиони единици. Третата генерација од 2012 до 2020 година постигна слично високо производство и воведе напредни системи за помош на возачот и технологии претходно резервирани за возила од повисоките сегменти. Истовремено, таа имаше полесна каросерија, оптимизирани TSi и TDi мотори и GreenLine верзија со технологии наменети да ги намалат потрошувачката на гориво и емисиите, вклучително и специјална облога на подвозјето, регенерирање на енергијата при сопирање и пневматици со низок отпор при тркалање. Оваа генерација доби голем редизајн во 2017-та година, со изменет преден дел со поделени предни светла, инфозабавни екрани со завршна обработка во стаклен дизајн и надградени системи за помош.

Актуелната четврта генерација на Octavia дебитираше во ноември 2019-тата. По надградбата на почетокот на 2024-тата таа сега нуди дополнително подобрена поврзаност и безбедност, до десет воздушни перничиња и системи за помош на возачот, вклучувајќи го системот за помош при внимание и поспаност. Нов алгоритам помага попрецизно да се процени нивото на замор кај возачот. Octavia останува популарен избор меѓу приватните и деловните корисници на меѓународните пазари и има добиено бројни престижни меѓународни признанија, вклучувајќи повеќе награди Best Cars и Golden Steering Wheel.

По повод 30-годишниот јубилеј Škoda Octavia доаѓа со специјална понуда за македонските купувачи. Јубилејната понуда вклучува подарок во вредност од 2.000 евра, а цената за Octavia започнува од 23.710 евра. Во рамки на Porsche Leasing пакетот понудата е достапна со 20% учество, месечна рата од 236 евра и каматна стапка од 4,9%.

 

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER