Обновениот Maybach GLS е најлуксузниот SUV произведен во Америка
По втор пат, Mercedes го обнови Maybach GLS колку да се осигура дека и понатаму ќе остане избор на оние кои не признаваат ништо друго освен најмодерното. И најлуксузното секако – тоа се подразбира. Пристигнувајќи неколку месеци по обновувањето на стандардниот модел, тој сега настапува со сеопфатен фејслифтинг со многу хром и дискретни но впечатливи елементи меѓу кои и направени од розово злато. Препознатливите дневни светла во облик на трикраката ѕвезда го заокружуваат дизајнот на предниот дел. Стандардно се опремува со тркала од 22 инчи, а купувачите можат да го нарачаат и со поголеми од 23 инчи ковани со хромиран финиш и жироскопско централно капаче.
Главното, се знае, е во кабината. Опремен е со најновиот MBUX Superscreen инфозабавен систем кој комбинира три дисплеи сместени во заедничко куќиште. Екрани иако само два има и во вториот ред. Седиштата ги краси нова напа кожа, а за моментите на славје на оние што ќе се возат со него назад е сместен ладилник за шампањско. Новите материјали за изолација до максимум ги минимализираат звуците од моторот и трансмисијата за музиката која се слуша од врвниот аудио систем да биде беспрекорна.
За погон е задолжен новиот 4,0 литарски V8 мотор со два турбо компресора, благ 48-волтен хибриден систем и деветстепен автоматски менувач. Погонот се разбира е на сите четири тркала кои меѓусебно ќе ги распределуваат 635-те коњски сили и 850 њутн-метри максимален вртежен момент. За поголема агилност и прецизност се грижи ревидираниот систем за управување, заедно со преработеното воздушно ослонување кое активно следи што се случува и до 1.000 пати во секунда ги прилагодува параметрите. Сето тоа го прави уште пред тркалата да дојдат до површината по која ќе поминат.
За цените сé уште е рано да се зборува иако Mercedes веќе при крајот на овој месец ќе започне да прима нарачки за него од купувачите во Европа и САД – Кинезите веќе можат да го нарачаат.





