ЈП ПОЦ воспоставува нови цени за дисциплинирање на Центарци.
Со новиот систем се очекува да се намалат злоупотребите, да се стимулира користењето на жителските гаражи и паркинг места и да се овозможи поефикасно користење на постојните капацитети.
Особено во населби како Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и потесното централно подрачје, каде притисокот врз јавниот простор е најголем. Една од најважните промени е новиот начин на издавање на повластените паркинг карти. Наместо како досега – по жител, картите отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Со новите правила, секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење повластен паркинг за првото возило, додека за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари. Во сегашните услови, повеќето стамбени единици располагаат со две или три возила, па ова ќе биде тежок намет на жителите.
Од ПОЦ објаснуваат дека ова не е мерка за ограничување, туку начин да се воведе баланс и одржливост во користењето на јавниот простор. Во реалноста тоа значи дека едно семејство кое располага со две возила, годишниот издаток ќе изнесува 6.000 денари само за паркирање во зоната во кое живее. Доколку има потреба да паркира во останатите зони кои се во владение на ЈП ПОЦ, годишно ќе мора да издвои дополнителни 18.000 денари.
За оние што имаат и трет автомобил издатоткот ќе порасне за дополнителни 18.000 денари. Според ЈП ПОЦ новите правила имаат и поширока урбана цел – намалување на сообраќајниот метеж и поттикнување порационално користење на возилата. Собраните средствата од новите давачки ќе бидат ставени во функција на инвестиции за обезбедување повеќе паркинг места, проширување и подобро искористување на постојните капацитети, како и за модернизација и дигитализација на услугите, унапредување на паркинг инфраструктурата и подобрување на контролата и наплатата.
Од претпријатието порачуваат дека крајната цел е создавање современ, функционален и долгорочно одржлив систем на управување со паркирањето, кој ќе овозможи повеќе ред, помал притисок врз јавниот простор и поквалитетно урбано живеење во Центар.


