Со новоформираниот тим Opel GSE Formula E, молњата од Руселсхајм ќе се докажува во елитното друштво.
Opel има долга традиција и маркантна улога во мото-спортотот. Сега влегува во највисокото ниво на е-мото-спортот и ќе има фабрички тим во Формула Е во следните четири години. Дебито е закажано за следната сезона, 2026-2027.
На прес-конференција во Мадрид, извршниот директор на Opel, Флоријан Хутл, и шефот на Формула Е, Џеф Додс, го објавија влегувањето на Opel во трките со електричните болиди. „Учеството во Формула Е означува нова пресвртница за Opel на патот кон електрична иднина.
Нашиот тим Opel GSE Formula E ќе демонстрира што претставува нашиот бренд: германски инженеринг, смел дизајн и електрифицирани перформанси. Овие квалитети се веќе отелотворени во моделите Opel GSE Mokka GSE, а наскоро и во новата Corsa GSE.“ изјави првиот човек на Opel.
Шефот на Формула Е, Џеф Додс, го поздрави новиот тим во неговата тркачка серија и го пофали брендот, велејќи дека „внесува нова динамика во Формула Е со својата извонредна техничка експертиза и свеж, смел имиџ“.
Електричниот болид ќе испорачува 600 kW (816 КС) кои ќе се дистрибуираат на сите тркала. Во исто време, капацитетот за регенерација на енергија ќе се зголеми до 700 kW, подобрувајќи ја ефикасноста и досегот.
При развојот на Opel GSE Formula E, инженерите на Opel го користат искуството на Stellantis што го има здобиено преку сестринската DS и Citroën. Сепак, раководителите на Opel ја нагласуваат важноста на „германската инженерска експертиза“ што е вклучена во проектот.
Во 2021 година, компанијата го лансираше ADAC Opel Electric Rally Cup, во кој млади таленти се натпреваруваа за победа во Opel Corsa Electric. Во новата сезона, која започнува за неколку недели, возачите во подем ќе се натпреваруваат во значително помоќната Opel Mokka GSE.
Со моќност од 282 КС и максимален вртежен момент од 345 Nm, Mokka Rally е повеќе од двојно помоќна од Corsa.
Тимот со седиште во Руселсхајм ќе го има својот прв официјален настап на официјалната презентација на автомобилите GEN4 на тркачката патека Пол Рикар во јужна Франција.


