Како Mercedes го решава проблемот со вишокот вработени
Како дел од опсежниот план за намалување на трошоците со цел заштеда од пет милијарди евра до 2027-ма година, Mercedes им понуди на своите вработени издашни отпремнини ако сами си дадат отказ. Сумите се вртоглави заради што од април кога стартуваше програмата досега понудата ја имаат прифатено околу 4.000 луѓе. На пример тим-лидер со три децении стаж и месечна плата од околу 9.000 евра ќе искешира половина милион. Дури и среднорангиран работник може да смета на сто илјади евра. Иако ова изгледа нереално многу долгорочната математика е во корист на Mercedes – голем дел од вработените се под синдикална заштита и согласно договорите работните места им се гарантирани до 2034-та година. Во такви случаи делењето откази е мачен и сложен процес кој долго може да се влече по судови а и лошо влијае на моралот на вработените. Со програмата за доброволно напуштање на работата се опфатени голем дел од вработените но не сите – компанијата може да го одбие барањето ако процени дека работникот е на клучна позиција.


