Во обид да ги намали постојаните загуби и да се прилагоди на повисоките американски царини Lotus го стега ременот
Британската компанија во сопственост на кинескиот Geely соопшти дека од вкупно 1.300 вработени во Велика Британија планира да отпушти 550 што е околу 40 проценти од таму ангажираната работна сила.
Најголемиот дел од отпуштањата ќе биде во историската производствена база на Lotus во Хетел, источна Англија, каде што се произведува спортскиот автомобил Emira. Кратењата ќе помогнат „да се обезбеди одржлива иднина за компанијата во денешната брзо развивачка автомобилска средина. Како најголем виновник за овој потег се индетифицираат „брзите промени во глобалните политики, вклучително и царините“ кои создале неизвесност во индустријата.
Во јуни компанијата објави дека планира да го премести производството во САД во обид да избегне царини за возила произведени во Велика Британија, кои од 2,5 проценти се зголемија на 15 проценти под администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Сепак од Lotus уверуваат дека остануваат целосно посветени на Велика Британија. Базата во Хетел ќе остане дом на консултантски операции на Lotus за спортски автомобили, мотоспортот и инженерство.
Компанијата беше силно погодена од намалената побарувачка за луксузни електрични возила, особено на клучниот пазар во САД, кој постави високи царински бариери за електричните возила произведени во Кина, принудувајќи го Lotus да ја запре продажбата на големиот теренец Eletre, кој со големиот електричен седан Emeya, се произведуваат во фабрика во Вухан.
Оттогаш плановите да се премине целосно на електрична енергија се ревидирани и кон крајот на годинава ќе го претстави својот прв модел со приклучен хибрид, за кој се очекува да биде верзија на Eletre. Продажбата на Lotus падна за 42 проценти и имаше нето загуба од 183 милиони долари во првиот квартал на годинава, што е намалување од 258 милиони долари во однос на истиот квартал 2024 година, додека долгот се искачи на 3,3 милијарди долари.


