Индиец ќе ја крои судбината на британскиот производител
После 35 години во компанијата и три години на нејзиното чело, Адриан Мардел го напушти Jaguar Land Rover. Тој го продолжи и спроведе во дело контроверзниот план за реорганизација на својот претходник Французинот Тиери Болоре за што беше остро критикуван од јавноста. Сега, кога JLR се наоѓа ни на небо ни на земја (некои би рекле дури и под земја), индиските сопственици испратија свој човек да ја предводи иднината на британскиот производител. Тоа ќе биде П.Б. Балаџи, кој има 32 години менаџерско искуство и од 2017-та е финансиски директор во Tata Motors.
Овој машински инженер со постдипломски студии од менаџмент чие полно име е Патамадаи Балачандран Балаџи својата нова должност ќе ја презеде во ноември. Ќе има тешка задача да се соочи со низа предизвици меѓу кои најзначаен е како ќе продолжи со контроверзната трансформација на Jaguar и ризичната поделба на Land Rover на три бренда. Дополнителни потешкотии во работата ќе му донесат и царините на Трамп кои секако нема да му дозволат да креира јасна стратегија за развој на компанијата.



