Групацијата Stellantis пријави 2,7 милијарди долари загуба за првите шест месеци од годинава
Новиот извршен директор на Stellantis, Антонио Филоса, по само три недели на својата функција најави дека опоравокот ќе биде исполнет со многу предизвици, но гледа излез од проблемите.
Тој веќе има план за реструктуирање и го зададе првиот удар со кого купува уште шест безбедни месеци за јатото сочинето од 17 компании. Уште пред групацијата да ги објави целосните резултати за работењето за првата половина на тековнава година, кои треба да бидат јавно презентирани на 29-ти јули, Филоса објави низа лоши вести предводени од откривањето на нето загуба од 2,7 милијарди долари за споменатиот период.
Колку и да звучи чудно, на берзата во Њујорк се забележа раст на вредноста на акциите на Stellantis, веројатно затоа што инвеститорите веруваат дека Филоса ќе покаже напредок во втората половина на годинава. Во писмо до вработените, Филоса наведе дека првите шест месеци од 2025 година биле тешки со зголемени надворешни пречки, вклучувајќи ги ново воведените тарифи, негативни ефекти од девизниот курс и предизвикувачки макроекономски услови. И покрај тешкотиите, тоа беа и шест месеци со значаен напредок во споредба со втората половина од 2024 година наведе Филоса.
Аргумент за оптимизам се лансирањата на нови производи и одлуките за намалување на моделите со слаби пазарни перформанси. Превземените маневри за реструктуирање на Stellantis највуваат смели чекори. Според добрите познавачи на берзата, кормиларот на Stellantis се обидува да ги „затвори“ резултатите од првата половина на 2025 година за да обезбеди мала профитна маргина на акциите врз која ќе може да покаже значаен напредок во поправањето на финансиската состојба на групацијата.
Но, со оглед на неизвесноста на глобалната трговска политика, тешките услови на пазарот во Северна Америка и растечките турбуленции околу електричните возила, линијата по која гази Филоса е многу тенка велат аналитичарите.


