Ford планира оживување на својата автомобилска понуда во Европа
Креирајќи ја својата иднина заедно со Volkswagen, Ford целосно се откажа од автомобилската програма во Европа останувајќи само со кросоверите и комерцијалните возила. Така едно по едно исчезнуваа веќе добро етаблираните имиња како Mondeo, Fiesta и Focus, чии места во понудата заедно со Puma и Kuga ги зазедоа електричните Explorer и Capri, дополнети уште со американските Bronco, Mustang и Mustang Mach-E. Купувачите не беа среќни, работниците уште помалку а дилерите пак не се откажаа од притисокот врз раководството на компанијата да ја преиспита својата стратегија. Без резултат, иако продажбата од година во година стрмоглаво паѓаше – лани за 17 отсто, за во последнава деценија да се намали за скоро две третини.
Но сега како да дуваат поинакви ветришта од Детроит – Џим Фарли планира рестартирање на развојот на нови автомобили наменети за европскиот пазар што би значело враќање на Fiesta, Focus и Mondeo, а можеби и на S-Max. Со тоа разновидноста во понудата значително ќе се поправи и купувачите повеќе нема да се најдат во вакуум простор меѓу кросоверите, американските и електричните модели кои очигледно не ги исполнија очекувањата. Сепак, нема официјални коментари од Ford за промената на стратегијата.



