Со посвеж изглед, поголеми димензии и практичност на повисоко ниво, новата генерација на Mazda CX-5 се обраќа на помладите семејства
Пристигнувајќи на пазарот после лансирањето на новата серија кросовери кои во Европа се продаваат под ознаките CX-60 и CX-80, Mazda се врати на популарниот CX-5 кој своевремено кога беше претставен на некој начин ја одбележа пресвртницата на марката во нејзиниот пазарен настап. Суштински различен од споменатите модели кои имаат погон на задните тркала, новиот CX-5 со своите квалитети ќе ги привлекува купувачите кои глобално досега ги има освоено скоро пет милиони.
Сега има нешто поголеми димензии – и должината и меѓуоскиното растојание пораснаа за 11,5 сантиметри со што е намален јазот до CX-60 кој сепак настапува како попремиум модел. Благодетите на поголемиот внатрешен простор се подобрени со дополнително зголемената практичност која меѓу другото се огледува со поголемиот агол на отворање на вратите и понискиот праг на багажниот простор кој е нараснат за 61 литар на вкупно 583. Дека и опремата е полуксузна се забележува уште на прв поглед преку 15,6 инчниот екран на мултимедискиот систем, но исфрлувањето на физичките контроли на климатизацијата сигурно ќе наиде на критики.
За погон ќе биде задолжен само еден агрегат – 2,5 литарскиот e-Skyactiv G хибрид со наизглед скромни 141 KS кој се користи и кај Mazda 3 и CX-30. Тој преку шестстепена автоматика ќе ги задвижува предните или сите четири тркала. На пазарот во Европа се очекува при крајот на годинава а кај нас ќе пристигне после празниците. Цената во Германија е поставена на 34.500 евра.

















