Премиера – Alpine A390

A390 ги спои перформансите со секојдневната употребливост и единствен е во сегментот со три мотори

Една година откако го претстави A290, Alpine повторно ги вознемири духовите со првиот кросовер во својата историја.

За да остане верен на спортското педигре што го негува повеќе од седум децении, марката се потруди да направи нешто што ќе се издвојува од толпата и веднаш да ги нападне најдобрите.

На вчерашната промоција никој не го кажа тоа, но само еден мал поглед на спецификациите и сé станува јасно. Тоа ќе го направи со перформансите и изгледот.

А кога сме кај изгледот, може слободно да се каже дека тоа е еден од неговите адути. Во голема мерка остана верен на концептот A390_β прикажан лани на саемот во Париз, задржувајќи ја својата ниска, аеродинамична силуета и остра каросерија.

Рака на срце некои дизајнерски елементи се ублажени за серискиот модел, но А390 делува далеку  по спортски од сите кросовери во класата.

Ќе бидат достапни две нивоа на опременост, GT и GTS, секоја од нив издвоена со уникатни тркала и значки. Надворешните акценти вклучуваат драматично навалена линија на покривот, фрагментирани триаголни акценти на предниот браник и LED светлосни ленти со целосна ширина напред и назад.

Во интериерот се забележува тесната поврзаност со онаа на Renault Megane E-Tech, со 12,3 инчен екран за инструмент таблата и 12 инчен централен екран на допир.

Иако општиот распоред може да ви изгледа познато, елементите специфични за Alpine, како што се воланот, централната конзола и материјалите за украсување, му помагаат на A390 да заземе премиум позиција.

Меѓу впечатливите карактеристики се седиштата Sabelt од кожа Nappa што се наоѓаат во водечката GTS опрема, аудио системот Devialet со 13 звучници силен 850 вати.

Багажникот од 532 литри додава практичност во секојдневното користење. Не е тајна дека Alpine за своите електрични возила ги користи платформите на Renault.

A 390 е поставен на платформата AmpR Medium, која ја користат Renault Megane E-Tech, Scenic E-Tech и Nissan Ariya. Сепак, спортската марка на Renault не се потпре на „препишување“, туку го искористи своето знаење да ги надгради перформансите и возните карактеристики.

Распоредот на тежината 49:51 е скоро идеален. Подвозјето е подесено со специфичен хардвер и софтвер прилагоден за да се извлече поголем динамичен потенцијал. Вградените три мотори, еден на предната оска и два позади, не овозможуваат само погон на сите тркала.

Тие работат заедно со системот за активно насочување на вртежниот момент што го прави A390 да биде многу поагилен отколку што сугерира неговата големина. Со вкупна должина од 4.615 мм, А390 неможе да се мери се Tesla Model Y и Porsche Macan бидејќи е пократок и понизок од нив.

Затоа двете верзии, GT и GTS, изобилуваат со сила. Послабата  нуди 396, додека GTS има 463 КС. И вртежните моменти се подеднакво робусни со 650 Nm и 808 Nm. Помоќната верзија GTS забрзува од 0-100 км/ч за 3,9 секунди и достигнува максимална брзина од 220 км/ч.

Постои дури и функција за „претекнување“ што привремено ја зголемува моќноста за 10 секунди, иако ќе ви треба време за ладење од 30 секунди помеѓу употребите.

И двете верзии користат литиум-јонска батерија од 89 kWh, доволна за 520 до 555 км според WLTP и поддржуваат брзо полнење до 190 kW DC.

Alpine A390 на пазарот ќе се лансира во последниот квартал на годинава. Иако цените се оставени да се објават пред неговата комерцијализација, се калкулира дека тие ќе се движат во опсег помеѓу 68 и 77.000 евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER