Порачувајќи им да не трепкаат за да не ја испуштат забавата, Opel на своите љубители им вети голема возбуда годинава
Ознаката која ја носеа спортските изведби на Opel се враќа во игра, но со сосема поинаква улога. Сега GSE ќе биде електрична подмарка за високо перформансни електрични возила.
Со овој чекор компанијата тргнува пореволуционерно во светот на електрификацијата бидејќи за разлика од сегашните кои се плаг-ин хибриди сите идни GSE модели ќе бидат само на струја.
Ќе добијат сопствен јасно дефиниран идентитет со нагласен спортски карактер со кој ќе предизвикуваат емоции. Наменети за ентузијастите кои бараат повеќе тие би имале поатрактивен изглед, посебно подесено подвозје и подобрени перформанси.
Во објаснувањето марката наведува дека меѓу другото G го симболизира германскиот инженеринг, S спортот и брзината а E електричната возбуда и еуфоријата. Не е објавено кои сé модели ќе добијат ваков третман но суптилно се споменати Corsa, Frontera и Grandland.
Opel изненади со веста дека прв GSE модел од новата генерација е Mokka GSE Rally кој е претставен како прототип и го дели погонскиот систем со Abarth 600e и Alfa Romeo Junior Veloce. Извесно е дека Mokka GSE Rally има 280 коњски сили и 380 Nm вртежен момент.
Веројатно бележи исти перформанси на забрзување како двете италијански лути машини кои забрзуваат до сто километри на час за 5,9 секунди, додека автономијата им изнесува 347 километри. Премиерното прикажување на Opel Mokka GSE Rally ќе биде на 23 и 24 мај на ELE релито околу Ајндховен во Холандија.

