Со претставувањето на ѕвездената постава, Land Rover потврди дека е подготвен за настап на Дакар
Должноста да ја брани честа на британската легенда ќе ја има 14-кратниот победник на големата рели авантура Стефан Петерхансел, заедно со талентираниот Литванец Рокас Бациушка.
Третиот возач ќе биде одреден дополнително. Учествувајќи годинава со дваесетина придружни возила наменети за официјалните лица, британскиот производител покажа дека има искуство и знаење да се справи со условите на најисцрпувачкото рели во светот.
Возилото кое ќе настапува во Stock категоријата сериски модели е изведено од најмоќната Octa верзија на Defender која има 4,4 литарски твин-турбо V8 мотор. Техничките детали и обемот на преработките на неговата робусна алуминиумска архитектура не се објавени, а новоформираниот тим ќе се натпреварува и на другите слични трки ширум планетава.



