Лимузината и караванот ставени на стероиди
Додека очите на светската автомобилска јавност се свртени кон Шангај, од Brabus тивко ја огласија последната креација која е способна да крене многу галама.
Во препознатлив стил за германската тјунерска куќа преработени се двете каросериски изведби на Mercedes-Benz E 53. Во центар на вниманието е BRABUS PowerXtra B53 – 700 Performance, надградба која испорачува 700 КС системска сила и вртежен момент од 850 Nm.
Во инает на големата тежина од 2,3 тона, на лимузината потребни ѝ се само 3,6 секунди од мирување да постигне 100 км/ч и да продолжи да забрзува до електронски ограничените 280 км/ч.
За да се постигне ваквата моќ направени се посебни мапирања на електронскиот менаџмент на моторот, впрскувањето на горивото, палењето и притисокот што овозможи на бензинскиот три литрен шестак од сериските 449 да му се зголеми силата на 560 коњи.
Хибридниот погон го сочинува и електро мотор од 163 КС кој се храни од литијум-јонска батерија од 28,6 kWh. Со модификациите не е застанато само на оние испод хаубата, туку многу внимание е посветено за да се постигне и адекватен визуелен впечаток.
Дизајнерите на Brabus развија атрактивни и аеродинамични компоненти на каросеријата кои покрај визуелниот впечаток имаат голема функционалност при големи брзини и се грижат за стабилноста.
Воочливи се ново развиените тркалата во пет различни дизајни наречени Platinum Edition со радиус од 21 инч. За подобра управливост вградена е прилагодлива спортска амортизација со две нивоа на подесување способна да ја спушти каросеријата за 15 односно 30 мм.
Постои уште долга листа на елемнти изработени од јаглеродни влакна, алуминиум, титаниум и кожа кои може разгалените муштерии на Brabus да ги бираат дополнително. Тие од компанијата добиваат врвен квалитет на изработка, несекојдневен изглед, врвни перформанси и гаранција во траење од три години или 100.000 изминати километри.
За цената на еден ваков примерок подобро да не зборуваме.


