По одлуката на Stellantis да ја откаже инвестицијата од 1,5 милијарди евра, иднината на Maserati е неизвесна.
По заминувањето на Карлос Таварес, групацијата Stellantis забрзано го преиспитува своето работење. Бордот на групацијата сака да ги консолидира редовите и да го намали ланскиот дебел минус. На удар се брендовите загубари кои се тежок баласт за финансиите.
Продажбата на Maserati се преполови минатата година, од 26.600 во 2023 година на само 11.300. Тоа е причината што потребните 1,5 милијарди евра за развој на нови електрични модели е откажана. Потегот на Stellantis ги изложува на ризик идните електрични модели како MC20 Folgore и замените за Quattroporte и Levante.
Тоа се должи на преиспитувањето на стратегијата и динамиката на електрификацијата на Maserati, особено на кинескиот пазар, и очекувањата во однос на тоа колку брзо пазарот на луксузни возила ќе премине на електрификација. На Maserati му требаат и пари и привлечни нови модели за да преживее.
Минатата година компанијата загуби 260 милиони евра. Матичната компанија Stellantis е во потрага по нов извршен директор. Новиот лидер може да се соочи со незавидната задача да одлучи кои брендови ќе преживеат и на кои ќе им се покаже вратата. Одоваа позиција тешко е да се види како Maserati преживува. Да се надеваме дека ќе направи чудо.

