Xiaomi SU7 Ultra – 10.000 нарачки само два часа по лансирањето

Дали настапува пресвртница кај електричните луксузни супер автомобили?

Производителот на паметни телефони неодамна влезе во арената наречена електрични возила. Пред неполна година Xiaomi во продажба го пушти седанот SU7, конкурент на Tesla Model 3, и досега има испорачано повеќе од 135.000 примероци по цена од 29.000 евра во Кина.

Компанијата пред некој месец објави дека има негов супер спортски дериват со 1.548 коњски сили и максимален вртежен момент од 1.770 Nm, што забрзува до 100 км/ч за 1,98 секунди и достига 350 километри на час. Тоа и го докажа на патеката Нурбургринг/Нордшлајфе во октомври 2024 година каде прототипот SU7 Ultra постави рекордно време од 6:46.874 минути и стана најбрзиот автомобил со четири врати во светот.

Затоа и не зачудува што само за два часа од пуштањето во продажба распродадени се 10.000 примероци. Но, не се само перформансите и луксузот во прашање. Станува збор и за цената. Xiaomi SU7 Ultra во Кина се продава за 529.900 јуани односно за неполни 69.000 евра.

За време на прес конференцијата во Пекинг, Леи Џун, оснивач и претседател на Xiaomi, рече дека компанијата се обидува да ги „редефинира премиум автомобилите на новата генерација“ со комбинација на карактеристики на перформанси кои се натпреваруваат со Porsche, технолошки функции слични на Tesla и ниво на луксуз споредливо со традиционалните премиум производители. Веќе се јавија и аналитичарите проценувајќи дека продажбата на луксузниот Xiaomi SU7 Ultra би можела да надмине 50.000 примероци оваа година.

Xiaomi SU7 Ultra се напојува со високонапонска батерија од 93,7 KWh испорачана од кинескиот CATL, способна да ги напојува моторите до 630 километри со едно полнење. Кинескиот технолошки гигант објави дека ќе го лансира својот втор автомобил, YU7, овој јуни или јули, модел кој се очекува да му конкурира на најпродаваниот кросовер Model Y на Tesla и да служи како уште еден двигател на растот. За жал, ова не е единствената главоболка на традиционалните производители. Неколку кинески автомобилски производители  лансираа слични понуди со надеж дека ќе го воспостават своето присуство во сегментот на луксузни автомобили, вклучувајќи ги Yangwang U9 на BYD, Zeekr 001 FR од Geely и суперавтомобилот Hyper SSR на GAC.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER