Renault Estafette, Goelette и Trafic – Нова електрична ера во транспортот

Новиот асортиман на електрични комби возила на Renault е конструиран да ги исполни сите барања на деловните корисници

Renault ја претстави новата палета комерцијални возила кои носат добро познати имиња – Estafette, Goelette и Trafic, сега со додавката E-Tech. Настанати како резултат на соработка со Volvo и CMA CGM групата во заедничката компанија Flexis, со нив Renault започнува нова електрична ера во транспортот. Комплетната палета ќе биде составена од флексибилни и прилагодливи модели направени на таканаречената скејтборд платформа со софтверски дефинирана архитектура развиена од Ampere и ќе се произведуваат во фабриката во Сандувил во Франција. Estafette, Goelette и Trafic кои на пазарот треба да стигнат во 2026 година делат исти семејни особини – компактност, пространост и флексибилност што ќе резултира со речиси неограничени опции за прилагодување. Заедничко исто им се и намалените оперативните трошоци, високо ниво на безбедност и ефикасноста што ја обезбедува електричната погонска група а ќе се разликуваат по тоа што секое од нив е посебно и на свој начин наменето за специфичните потреби на купувачите.

Renault Trafic кој во својот досегашен животен век од 1980 година е произведен во 2,5 милиони единици, во четвртата генерација го продолжува својот успешен пат како електрично возило. Се карактеризира со современи пропорции со пократок преден препуст и подолго меѓуоскино растојание со тркала истуркани во аглите на каросеријата за да се максимизира внатрешниот простор. И покрај тоа конструкторите успеаја да ги задржат маневарските способности со круг на вртење колку кај Renault Clio додека височината која е помала од 1,9 метри дозволува да се паркира во јавни гаражи. Робусноста неопходна за секојдневна интензивна употреба е засилена со заштитата на долниот дел од каросеријата, браниците и долните делови на вратите.

Неговиот целокупен изглед го отсликува новиот дизајнерски јазик на Renault во кој доминираат течни, извајани линии. Централниот елемент на предниот дел во комбинација со осветлената горна лента го нагласува високотехнолошкиот аспект на возилото, додека страничните дневни светла дополнително го потврдуваат неговиот исклучително модерен карактер. Чистиот и динамичен профил создава визуелен ефект кој дава впечатокот за движење и енергија, дури и кога возилото стои. На задниот дел се среќава линија подигната на исто ниво со страничните стакла а светлата имаат уникатен тридимензионален светлосен потпис што прави целото возило да изгледа попрепознатливо и поелегантно.

Renault Goelette кој го носи името на популарното поствоеното комби кое на свои плеќи ја износи изградбата на економијата на разрушената Франција и сега во своето електрично издание е замислено како сестрано возило. Исто како и својот предок тоа е цврсто направено, робусно за користење и совршено за разни изведби според посебните барања на малите бизниси.

Користејќи ја во целост флексибилноста на архитектура ќе биде достапно во три каросериски верзии како комби, шасија со кабина, комби и кипер со кои успешно ќе одговори на широк спектар потреби. Задниот дел е конструиран за секаков вид адаптации со структурни делови погодни за инсталирање на специфични надградби и опрема.

Renault Estafette претставува модерна интерпретација на славниот претходник на Trafic од ’60-тите години. Создаден е за градовите и прилагоден на барањата на модерната урбана логистика, неговиот дизајн има големо влијание од истоимениот концепт претставен во септември минатата година. Со должината од само 5,3 и широчина од 1,9 метри лесно ќе се пробива нив улиците а височината од дури 2,6 метри обезбедува исклучителен простор.

Современиот преден дел се карактеризира со препознатлив светлосен потпис со кој се нагласува хармоничната целина на деталите, а видливоста ја подобруваат големите стаклени површини. Лизгачките странични врати со незабележливо интегрирани водилки обезбедува непречен пристап на тесни паркинзи, а едноделната задна врата како ролетна го оптимизира просторот за товарање.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER