Во очекување на премиерата
Renault ги објави првите фотографии на модерната реинкарнација на култниот Renault 4 кој премиерно ќе биде претставен на салонот на автомобилите во Париз. Тие секако не покажуваа сé, но се доволни да ја заскокоткаат фантазијата и предизвикаат емоциите носталгично да се потсетиме на некои други времиња кога автомобилите имаа повеќе душа. Таков треба да биде и модерниот 4 e-Tech кој во продажба ќе се најде идната година. Својата оригиналност ја покажува со осветлената маска и платнениот покрив, а се забележуваат и деталите кои ќе го отелотворат неговиот карактер.
Ќе има должина од 4,14 метри и ќе биде сестран како и неговиот претходник. Поставен на AmpR Small платформата како и новиот R5, е проектиран за најдобар внатрешен простор и удобност. Агилноста ќе му ја дава електричниот погон, чии карактеристики засега не се знаат. Голема е веројатноста да бидат заеднички со Renault 5 e-Tech, што значи избор од погонски групи со максимални меѓу 95 и 150 KS и батерии со капацитет 40 или 52 kWh, доволни за автономија од 300 односно 400 километри. За потврда сепак ќе мора да почекаме десетина дена.









