Со помош на наноматеријал, во топлите денови температурата на површината на возилото, а со тоа и во внатрешноста, значајно се намалува.
Nissan во соработка со Radi-Cool, специјалист за ладење со зрачење, развива лак за бојата на каросериите на возилата кој забележително го намалува загревањето на површините изложени на сонце.
Наноматеријалот вграден во бојата генерира електромагнетни бранови кои се спротивставуваат на сончевото зрачење и ја одбиваат топлинската енергија подалеку од возилото. Со ова се намалува преносот на топлина на површини како што се покривите на возилата, хаубата и вратите.
Во споредба со возило со конвенционална боја, она со новата боја покажа надворешна температура која беше до дванаесет Целзиусови степени пониска и внатрешна температура до пет Целзиусови степени пониска кога возилото е паркирано на директна сончева светлина. Ефектот на ладење на бојата е особено забележлив кога возилото е оставено на сонце долго време.
Поладната внатрешност значи дека климата ќе работи поефикасно, што пак го намалува оптоварувањето на моторот или, кај електричните автомобили, на батеријата, а тоа значи дека се заштедува енергија. Водачот на проектот Др. Сусуму Миура има за цел да ги направи возилата поладни без да се троши енергија што е особено важно во ерата на електромобилноста, бидејќи работата на клима уредот може да има значително влијание врз батеријата.
Најголемиот предизвик за Миура и неговиот тим беше да развијат боја која содржи проѕирен горен слој, може да се нанесува со пиштол за прскање и да ги исполни строгите стандарди за квалитет на бојата на Nissan. Моментално дебелината на слојот е 120 микрометри, што е приближно шест пати подебело од стандардната боја за автомобили. Тестовите покажуваат дека бојата е отпорна, не се лупи, гребе или хемиски реагира, останува конзистентна и може да се поправи.
Како што продолжува развојот се истражуваат потенки верзии кои ќе ги нудат истите перформанси за ладење. Бојата во реални услови се тестира од крајот на минатата година на аеродромот Ханеда во Токио. Бојата е нанесена на Nissan NV100, кој се користи како возило за аеродромски сервис. Иако тестирањето и развојот се во тек Nissan се надева дека бојата еден ден ќе биде понудена за специјални нарачки и во различни бои.



