Кинески SUV со француски гени наменет за Кореја
Renault и Geely рака под рака цврсто зачекорија кон заедничката иднина – откако ја промовираа новата компанија за производство на мотори со внатрешно согорување сега ги споија силите и за настап на корејскиот пазар. Новиот модел наречен Renault Grand Koleos е двојник на Geely Xingyue L лансиран 2021-вата. Поголем е од сегашниот Koleos кој обновен сé уште се нуди во Кореја како QM6. Значајно е и тоа што е поставен на платформата која освен кај своите, Geely ја користи и за моделите на Polestar, Lynk & Co и Volvo. Со други зборови техничката страна не му е слабост, без разлика што ја носи етикетата Made in China. Но возилото сепак ќе се произведува во Кореја, во погоните на некогашниот Samsung Motors каде Renault има 53 а Geely 34 отсто сопственост.
Дизајнерски малку се разликува од оригиналот, не само заради визуелното прилагодување кон идентитетот на Renault. Доаѓа во конфигурација само со пет седишта и бензински и хибридни моторни единици, а лесно може да се прилагоди и за електричен погон. Стандардниот мотор е дволитарски турбо со 211 KS кои можат да се пренесуваат само на предните или на сите четири тркала. Хибридната конфигурација е со 1,5 литарски исто така турбо агрегат и два електромотора кои произведуваат комбинирани 245 KS. Продажбата ќе му започне наесен, а засега е нејасно дали ќе се нуди и на други пазари.




