Направен за тркачка патека, хомологиран за улица
Лесно е кога го имате Фернандо Алонсо на своја страна. Уште полесно ако располагате со техника како Aston Martin. Челниците од компанијата одлучија да ги спојат желбите и можностите и го преоблекоа луксузниот Valour. Така настана Valiant за кој најточно ќе биде ако кажеме дека е негова полесна, поспортска и поекстремна верзија. Визуелно и технички е сличен со него, ама секој негов елемент е подигнат на повисоко ниво – од 21-инчните магнезиумски тркала до задниот спојлер, од брановидните крила до отсечениот заден дел. На Valiant сé игра улога во аеродинамичните подобрувања и намалувањето на тежината што е постигнато со интензивна употреба на карбонски влакна за секој сантиметар од каросеријата.
Има V12 мотор и мануелен менувач – уникатна комбинација комплетирана со четирите издувни цевки од титаниум кои даваат спектакуларен звук. Агрегатот од своите 5,2 литри става на располагање 745 KS и 753 Nm кои се кротат со карбон-керамички сопирачки со дискови од 410 mm напред и 360 назад. Перформансите не се објавени, ама во нив не треба да се сомнева. Техничките иновации продолжуваат со адаптивните амортизери, а екстравагантен детаљ е отвореното куќиште на механизмот на рачката на менувачот кој целосно се гледа. Внатрешноста содржи две седишта од што друго ако не од карбонски влакна. Сигурносните појаси се тркачки, каросеријата е со интегриран полукафез а дигитализацијата на ентериерот складно одмерена.
Ќе бидат направени точно 38 примероци по непозната цена која лесно може да достигне 1,5 милиони фунти, евра, долари, сé едно.




