Цената нема да надмине 20.000 евра
Претставувајќи го малиот кросовер Inster, и Hyundai се вклучи во глобалниот предизвик да се понуди електрично возило со цена под 20.000 евра. Рака на срце во прес-соопштението никаде не се споменува конкретна бројка за цената иако доста добро се знае дека кон што марката цели. Базиран е на платформата на бензинскиот Casper од кој е поголем за солидни 23 сантиметри. Сепак разликите во изгледот од него се само во некои стилски и технички детали. И внатрешноста главно е позајмена од донаторот, при што Inster е опремен со поголеми екрани и нов управувач. Багажникот собира 280 литри кои со поместување на задната клупа се зголемуваат на 350 а со нејзино соборување на 1.059 литри.
Основната верзија на Inster ќе има електромотор од 97 KS и батерии со капацитет од 42 kWh кои треба да обезбедат возење од околу 300 километри. Поскапите модификации ќе добијат посилен мотор од 115 коњи и батерии од 49 kWh со кои автономијата ќе се продолжи на 355 километри. Батериите можат да користат станици со моќност до 120 kW, што значи дека за нивно полнење од 10 до 80% ќе биде потребен половина час.
Hyundai Inster ова лето ќе се најде во продажба во Јужна Кореја, додека на пазарите во Европа, Блискиот исток и југоисточна Азија ќе пристигне малку подоцна.




