Volvo ги одложи испораките на EX30 поради проблем со софтверот на компактниот електричен кросовер
Се повеќе производители се судруваат со проблеми со софтверот во возилата кој задава вистински главоболки во испораката на новите модели. Од овие маки не се поштедени ниту премиум марките. По одложувањето на лансирањето на EX90, Volvo се соочи со слични проблеми за ЕХ30.
Пред започнувањето на испораката кај малиот кросовер се појави проблем во софтверот кој неможе да се отстрани „преку воздух“ туку тоа треба да се направи кај овластените сервисери. Проблемот влијае на испораките на малиот теренец на пазарите ширум светот. Во комуникето од Volvo се нагласува дека софтверот 1.2 содржи, меѓу другото, некои сертификати на Google и клучни ажурирања без кои ЕХ30 не може и не смее да се испорачува. Акцијата за ажурирање е веќе започната, па испораките се очекуваат да се реализираат во тек на февруари.
Со почетна цена од 36.590 евра ЕХ30 е најбрзиот модел на компанијата со забрзување од 3,6 секунди од 0 до 100 км/ч, и не е чудно што има голем интерес од страна на купувачите. Овој модел е клучен да му помогне на Volvo да ја зголеми глобалната продажба за 69 проценти за да ја достигне целта да продаде 1,2 милиони автомобили веќе во 2025 година. Лани Volvo продаде рекордни 708.716 возила ширум светот.


