Автономен и дигитализиран
Кинескиот производител на телефони и разни технолошки уреди најави нова марка електрични автомобили
Кинескиот гигант Huawei кој главно го познаваме по телефоните, мрежната технологија и други електронски уреди, наскоро уште повеќе ќе им ги замати сметките на производителите на возила – во соработка со Chery го најави лансирањето на првиот нивни заеднички модел под новата марка Luxeed. Како што името навестува станува збор за луксузна лимузина, со големина на Tesla Model 3. Дизајнерски се истакнува со благо мускулестите крила и купеовската силуета, рачките на вратите се скриени а модерната ЛЕД лента се протега по цела широчина на предниот дел. Фотографии од задниот дел и од внатрешноста не се објавени.
Испакнувањето на покривот над ветробранското стакло недвосмислено става на знаење дека ќе има автономни можности. Објавено е дека ќе се користи сопствено развиена технологија со 11 камери, лидар, радари и 12 ултразвучни сензори. Погонот ќе биде електричен, а се шпекулира со автономија од 700 километри. Претставувањето треба да се очекува при крајот на месецов, кога ќе се дознае дали се вистинити информациите за цената од 28.000 долари.


