C-Neo пристигнува за три години
Романскиот производител има желба што повеќе да се осамостои од Renault
Со растот на продажбата, растат и амбициите на Dacia. Така, согледувајќи ги можностите, романската марка работи на стратегија за проширување на палетата. За претстојниот Bigster веќе знаеме, а низ автомобилските кулоари сé почесто се шушка дека е започнат и развој на сосема нов модел со ознака C-Neo, втемелен на Renault Megane. Но дизајнерите својски ќе се потрудат да не биде сфатен како поевтина реплика на францускиот компакт, стилски единствен и препознатлив, со сопствен идентитет. Се очекува да биде долг околу 4,4 метри и да има заден дел во лифтбек изведба. Како и Logan и Sandero, подвозјето ќе биде поробусно и со поголемо растојание од тлото, а има веројатност да биде и оивичен со наизглед груби пластики во Stepway стил. Погонската механика, секако, ќе биде позајмена од кујната на Renault. На пазарот се очекува во наредните три години.



