Volkswagen купува 4,99% од XPeng
Volkswagen на сите начини се бори да го запре падот на продажбата во Кина
Веќе некое време вестите за Volkswagen што доаѓаат Кина се песимистички – опаѓањето на продажбата кое е евидентно никако не може да се запре. Германските челници не можеа да го игнорираат ваквиот тек на настаните на нивниот моментално најважен пазар, но реакцијата на групата изненади – после најавената соработка меѓу Audi и SAIC за развој на електрични возила и платформи за нив, сега се потврдени и долгорочните планови за заедничко работење со XPeng. Во оваа кинеска компанија VW ќе инвестира 700 милиони долари за кои ќе добие 4,99 отсто од акциите и, што е поважно, место во управниот одбор. Целта е заеднички развој на електрични возила. Се споменуваат два модела поставени на MEB платформата планирани за 2026 година, но очигледно обемот на соработката ќе биде доста подлабок.
Volkswagen кој до пред некој месец беше најголем производител во Кина и меѓу 2008 и 2020-тата држеше 15 отсто од пазарот, сега има некаде околу 10 отсто. Во вториот квартал има продадено 544.000 возила од кои само 23.433 електрични. XPeng е еден од помалите кинески производители на електрични возила, кој доста вложува во развој на автономните технологии.



