Од евтин кабрио до култен спринтер
Во своите осум генерации Chevrolet Corvette постојано ги поместуваше границите на технологиите и перформансите.
Интересно е што настанувањето на оваа култна икона на американската автомобилска индустрија и го предизвикаа малите спортски модели кои после втората светска војна војниците стационирани во Европа ги носеа враќајќи се дома. Како одговор на тоа General Motors на почетокот на педесеттите години го стартуваше проектот Opel, од кој подоцна се изроди Corvette.
Тогашните дизајнери си дадоа слобода на својата имагинација и следејќи ги трендовите креираа за американски поими мал отворен автомобил. Бидејќи немаа подвозје со соодветна големина мораа да изработат сосема ново, што им овозможи употреба на дотогаш некористени технолошки принципи.
Пред сé за каросеријата која беше направена од пластика засилена со стаклени влакна. Освен неверојатно малата тежина, нејзина голема предност беше и ниската цена на алатите кои овозможуваа инвестицијата во нив да се врати брзо и со мали серии. Најпрво беа претставени два суштински различни прототипи, за на крај финалната верзија да ја има својата премиера на њујоршката изложба Motorama пред точно 70 години. Публиката беше одушевена и General Motors реагираше брзо, но малку неспретно. Производството започна пред предвиденото и првите возила се правеа рачно, сите бели со црвена внатрешност.
Но разочараа слабиот шестцилиндричен агрегат и двостепената автоматика кои не даваа перформанси какви што изгледот навестуваше. Плус на тоа и квалитетот беше очаен. Сето тоа се одрази на продажбата и малку фалеше Corvette после само две-три години да биде испратена во историјата каде ќе останеше само фуснота како потсетување на уште едно промашување. Но тогаш Ford го лансираше Thunderbird и челниците на General Motors се заинаетија да направат подобар модел од нивниот конкурент. И успеаја – Corvette стана спортист со најдолг стаж на пазарот.



