Браќата подложени на лифтинг
Откако веќе завлегоа во години, BMW темелно ги модернизираше X5 и X6.
Иако промените се повеќе козметички, прво што ќе се забележи е дека тие сега повеќе наликуваат на останатите модели од гамата. Предниот дел е целосно редизајниран со потенки и затемнети матрикс ЛЕД светла со прилагодлива контрола.
Светлата за дневно возење во облик на стрелка се насочени према надвор и служат како трепкачи. Во согласност со трендот што го преферира марката поголеми се и бубрезите, кои можат да бидат осветлени. Целината ја заокружува остро извлечениот браник со вертикално поставени странични отвори за воздух.
Назад помалку работи се сменија, но затоа внатре по углед на другите модели на BMW се појавија два незабележливо споени екрани. Внимание привлекува и амбиенталното осветлување во 15 нијанси. Ажурирана е и опремата кај која најголема новост е опционалниот полуавтономен систем за возење што функционира до 140 километри на час.
Импресионира и унапредениот асистент за паркирање кој ги памети последните 200 метри од рутата поминати пред возилото да застане. Тоа значи дека на барање на возачот автомобилот може сам автоматски да се врати колку треба.
Големи измени има и под хаубата, каде сега сите агрегати стандардно се спарени со 48-волтен благ хибриден систем, чиј електромотор ќе осигура 12 коњски сили поддршка. Во понудата ќе се најде нова плаг-ин хибридна верзија со трилитарски бензинец и вкупно дури 490 коњски сили.
Импресивните батерии со капацитет од 25,7 киловат-часа ќе овозможат поминување на 110 километри, но за жал оваа верзија нема да биде достапна кај X6. Стартните цени во Германија се поставени на 86 илјади евра за X5 односно 93 илјади евра за неговиот поспортски брат.
Со овие измени BMW очекува тие да ги задржат водечките позиции на светскиот пазар во своите сегменти пред конкурентите кои сé поагресивно настапуваат. Производството како и досега ќе се одвива во Соединетите Американски Држави.


