Заеднички модел за Америка и Јапонија
Кога станува збор за интерес и ривалите ги здружуваат силите. Конкурентите на пазарот Honda и General Motors започнаа соработка со цел да ја усоврши идната генерација на горивни ќелии. И двете компании веќе подолго време вложуваат големи средства во своите возила што како погон користат водородни горивни ќелии. Поради инфраструктурални предизвици оваа зелена технологија за возилата не успеа досега да се омасови, но полека мразот се топи. Гледајќи ја својата шанса да бидат меѓу пионерите во омасовувањето на употребата на водородните горивни ќелии, Honda и General Motors заеднички ќе работат на повеќе од двојно зголемувањето на работниот век на сегашните погони што ги имаат со значително намалени трошоци.
Освен за автомобили и камиони, Јапонците планираат оваа технологија да ја користат во градежни машини и како стационарна електрана. Иницијално се планира новиот систем на горивни ќелии да се пушти во продажба од средината на деценијата со околу 2000 единици годишно. Двете компании планираат оваа бројка постепено да ја зголемат до 60.000 единици годишно до 2030 година и до неколку стотици илјади единици годишно во втората половина на 2030-тите. За 2024 година, Honda и General Motors објавија дека на пазарот ќе претстават заеднички развиен модел со погон на водородни горивни ќелии (FCEV) за Северна Америка и Јапонија, кого ќе го погонува следната генерација на горивни ќелии. Во полето на комерцијални возила, Honda веќе тестира камиони задвижувани со овој погон заедно со Isuzu, проект во кого е вклучена кинеската компанија Dongfeng. Покрај тоа, најголемиот светски производител на мотори доби договор за истражување и развој од јапонската вселенска агенција за циклусен систем на обновливи извори на енергија на Месечината. Инаку со Clarity, Honda беше еден од ретките производители кои понудија на пазарот автомобил со горивни ќелии кој беше наменет за американските и јапонските купувачи.


