Има решение за класичните мотори!
Porsche започна со производство на синтетичко гориво кое не загадува
Ако на Porsche му тргне од рака да го омасови, новото синтетричко гориво не само што ќе ги спаси моторите на внатрешно согорување, туку ќе ја доведе во прашање електрификацијата! На вакво решение не работат многу компании, но секој производител на возила, особено оние што вложувале со децении во развој и усовршување на моторите на внатрешно согорување, се надеваат дека овие пионерски чекори ќе станат реалност и ќе има економска оправданост да се комерцијализира. Porsche вложи многу средства во истражување и изградба на првиот погон за производство на синтетичко гориво во Чиле. Процесот на производство љубоморно се чува, но се знае дека ова гориво се добива од вода и јаглерод диоксид.
Целиот процес да биде „зелен“, во производството се користи електрична енергија добиена од обновливи извори, односно струјата се произведува со помош на ветерници. Токму поради тоа е избрана локацијата Пунта Аренас во Чиле. Таму дуваат силни ветришта 270 дена во годината што им овозможува на генераторите да работат со полн капацитет. Покрај тоа, погон се наоѓа во близина на Магелановиот мореуз со што е обезбеден бродски транспорт. Во почетната фаза ќе се произведуваат симболични 130.000 литри синтетичко гориво, но плановите на Porsche и конзорциумот со кого е здружен во овој проект се многу амбициозни најавувајќи дека производството до 2025-та година би требало да достигне 55 милиони литри, а две години подоцна фантастични 550 милиони литри. Со ова, Porsche може да ги задржи и усовршува своите „цилиндерци“, и да остане јаглеродно неутрален што планира да го достигне до 2030-та. Синтетичките горива би можеле да помогнат да се „хранат“ 1,3 милијарди возила со мотори со внатрешно согорување.

