Ѕвездата ќе сјае на струја!
Еден од најпопуларните компакти доби потполно електрична изведба.
Тоа беше најавено уште кога во Руселсхајм кога се промовира новата генерација на Astra изработена на заедничка платформа со Peugeot 308. Логично, прво настапи изведбата со приклучен хибрид која неколку месеци го трасираше патот за целосно електричната Astra.
Нарачките може да започнат месецов додека за караванската верзија ќе мора да се стрпиме до пролет. Со 115 kW погонот испорачува 15 kW повеќе од сите претходни електрични модели на марката и групацијата Stellantis. Погонот има вртежен момент од 270 Nm, a максималната брзина е ограничена само на 170 км/ч со што се добива поголем дострел.
Возачот може да избира помеѓу трите програми за возење Eco, Normal и Sport. Батеријата е сочинета од 102 ќелии кои имаат капацитет од 54 киловат часови и овозможува опсег според WLTP до 416 километри. Astra Electric може да се наполни до 80 проценти за околу половина час на станица за брзо полнење со директна струја од 100 kW.
Карактеристиките на опремата на двете електрични ѕвезди вклучуваат ергономски спортски активни седишта сертифицирани од кампањата AGR, опционално во Alcantara, дисплеј што проектира на ветробранското стакло и природно препознавање на говор, како и голем број системи за помош. Стандардно опремена е со интелигентните светла со вкупно 168 LED елементи, исто така, стандардни се 18 инчните тркала. Со волумен на багажот од 516 литри Astra Sports Tourer Electric нуди исто толку простор за складирање како нејзината изведба со приклучен хибрид.



